Свети Николе и Виница со намалени буџети за следната година
Помалите општини од Брегалничиот регион во 2023 година ќе зачекорат со по скромни буџети, споредено со минатите години. Локалната самоуправа на Свети Николе догодина ќе има на располагање 10 милиони денари помалку за менаџирање со општината, што во голема мера се должи и на процесот на депопулација на населението.
- Буџетот, без дотации, ќе ни биде 151 милион денари. Претпоставувам дека тоа е зарди тоа што според самиот попис на населението во општина Свети Николе, е намалено од скоро 19 000 на 15 000 жители, изјави Дејан Владев, градоначалник на Свети Николе.
Виница е општина која е препознатлива по иселувањето на жителите во западно европските земји. Буџетото за идната година ќе биде намален за 6 милиони денари, но градоначалникот се надева дека ќе најдат други извори на финансирање.
- Аплицираме до сите домашни и меѓународни фондови се со цел да обезбедиме дополнителни средства за да се реализираат и поголеми капитални проекти, изјави Миле Петров, градоначалник на Виница.
За разлика од нив, Кочани и Штип ги зголемија општинските буџетски средства. Штипскиот градоначалник смета дека тоа е резултат на ставањето ред во собирањето на данокот на имот и останататите даноци.
- Имавме една појава во изминатите неколку години во општина Штип, обврзниците на данок на имот и сите други форми на комунални такси не биле информирани дека треба да си ја завршат својата граѓанска обврска, немало уредна достава и само по овој основ, во годините наназад не се реализирал во целост буџетот на општината. Со самото тоа што направивме уредна достава оваа година, дојде до покачување на основниот буџет, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Јорданов најавува дека во 2023 година ќе имаат доволно финансиски средства да ги реализираат предвидените капитални инвестиции.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар