Светот се соочува со нова нерегулирана трка во вооружувањето

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш изјави дека истекувањето на Договорот Нов СТАРТ, со што се ограничуваше стратешки нуклеарниот арсенал на Русија и на САД, е мрачен момен за меѓународната безбедност и мир и ги повика Москва и Вашингтон што е можно побрзо да постигнат нов договор за контрола на оружјето за масовно уништување.
Договорот Нов СТАРТ (Strategic Arms Reduction Treaty), кој го ограничуваше бројот на нуклеарни глави со кои располагаат САД и Русија, истече на полноќ.
- Првпат по повеќе од половина век се соочуваме со свет без никакви обврзувачки ограничувања за стратешките нуклеарни арсенали на Русија и САД – двете земји кои поседуваат огромно мнозинство од нуклеарното оружје во светот, истакна Гутереш.
Тој додаде дека губењето на децениските придобивки од контролата на оружјето „не може да дојде во полошо време“ и предупреди дека заканата од употреба на нуклеарно оружје никогаш не била поголема.
Министерството за надворешни работи на Русија вчера соопшти дека по истекувањето на Договорот Нов СТАРТ земјите потписнички повеќе не се обврзани со обврски или симетрични декларации и оти се слободни да ги изберат своите следни чекори.
Во соопштението на руското МНР се наведува дека Москва уште се стреми да го продолжи Договорот, потсетувајќи дека последната иницијатива беше на рускиот претседател Владимир Путин, презентирана на 22 септември минатата година. Тој тогаш предложи ограничувањата на стратешкото оружје предвидени во Договорот да важат најмалку една година по неговото истекување, но САД сè уште не одговорија на предлогот на Путин.
- Во сегашните околности, тргнуваме од фактот дека страните од Нов СТАРТ повеќе не се обврзани со никакви обврски или симетрични декларации во рамките на Договорот, вклучувајќи ги и неговите клучни одредби, и во принцип се слободни да ги изберат своите следни чекори. Русија има намера да дејствува на одговорен и избалансиран начин и дека ќе ја развива својата политика во областа на стратешкото офанзивно оружје врз основа на детална анализа на американската воена политика и целокупната состојба во стратешката сфера, се наведува во соопштението од руското МНР.
Исто така се истакнува дека Москва ќе преземе решителни воено-технички мерки со цел да одговори на можни дополнителни закани за националната безбедност.
- Во исто време, нашата земја останува отворена за барање политичко-дипломатски решенија за сеопфатна стабилизација на стратешката ситуација врз основа на рамноправен и меѓусебно корисен дијалог, доколку се создадат соодветни услови за таква соработка, потенцира Москва.
Договорот Нов СТАРТ е потпишан во 2010 година и е последен договор помеѓу Русија и САД за контрола на вооружувањето, арсеналите на двете земји беа ограничени на максимум 1.550 распоредени боеви глави и максимален број на носачи на ракети и тешки бомбардери на 800. Тоа беше речиси 30 проценти помалку нуклеарно оружје од претходната граница од 2002 година.
Истекувањето на Договорот Нов СТАРТ ги зголеми стравувањата дека светот влегува во нова фаза на нерегулирана нуклеарна трка.
МИА
Ново на Сител
-

Нов смртен случај од компликации од грип
-

Смарт зелен бран ќе ги чини скопјани 25 милиони денари, Ѓорѓиевски ќе мести и CCTV камери за да се бори со вандалите
-

Ѓорѓиевски: Скопје излегува од финансиски колапс
-

Членовите на УПОЗ ќе одлучат дали понудата на Владата е прифатлива
-

Продолжува судењето за Пулс
-

Советот на јавни обвинители ги чека предлозите од Владата
-

Филипче: Да се зголеми минималната плата
-

Ѓорѓиевски: Скопје застанува на нозе
