Светските лидери се среќаваат во Давос - геополитиката ја засени економијата
Американските најави за тарифи и превземање на Гренланд ги засенија економските теми на форумот во Давос.
Во исчекување на пристигнувањето на Трамп во швајцарскиот скијачки центар, шефицата на Европската комисија му порача – одговорот на Европската унија ќе биде обединет и во целосна солидарност со Данска и Гренланд, нивниот суверенитет е неоспорен. Данокот на Трамп за 8 европски држави кои застанаа зад Данска, Фон дер Лајен ги нарече грешка.
-И затоа работиме на пакет за поддршка на безбедноста на Арктикот. Прв принцип: целосна солидарност со Гренланд и Кралството Данска. Суверенитетот и интегритетот на нивната територија не се предмет на преговори. Второ, работиме на масивен европски инвестициски пораст во Гренланд. Ќе работиме рака под рака со Гренланд и Данска за да видиме како можеме дополнително да ја поддржиме локалната економија и инфраструктура. Трето, ќе работиме со Соединетите Американски Држави и сите партнери за поширока безбедност на Арктикот. Ова е очигледно во наш заеднички интерес и ќе ги зголемиме нашите инвестиции, рече Фон дер Лајен.
Американскиот секретар за финансии пак кој е дел од американската делагација во Давос стигна со смирувачка порака, односи на САД со Европа остануваат силни.
-Поминаа 48 часа. Како што реков, седнете, опуштете се. Уверен сум дека лидерите нема да ескалираат и дека ова ќе се среди на начин што ќе заврши на многу добро место за сите, за националната безбедност, за САД и за Европа“, изјави Скот Бесент, секретар за финансии на САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп, на својата социјална мрежа објави приватни пораки за кои тврди дека му ги испратиле генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и францускиот претседател Емануел Макрон, во кои му даваат поддршка за достигнувањата во Сирија, но не ги разбираат неговите потези за Гренланд. На оваа тема на маргините на форумот се најавува и средба Трамп-Руте.
Во Давос е и македонска делегација предовдена од премиерот Мицкоски, кој највува серија средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции на кои ќе ги презентира можностите за инвестирање во македонската економија со фокус на енергетиката и технологијата.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
