Технологијата ги дава одговорите, но наставникот ги поставува вистинските прашања
Технологијата може брзо да ги даде сите одговори, но, само наставникот знае како да постави вистинско прашање. Во ера на дигитализација и вештачка интелегенција, училишната приказна и понатаму ја пишуваат луѓето.
По повод 5 Октомври, Светскиот ден на учителите, надлежните со порака: вложувањето во наставничкиот кадар е клучен фактор за успех на учениците.
„Тие се најважната компонента од образовниот систем и затоа ги убедувам дека Владата и понатаму ќе води сметка за тие да бидат задоволни, исполнети за да можат да си ја вршат својата функција“, изјави Весна Јаневска, Министерка за обрзование и наука.
Според податоците на Министерството за обрзование, во претходните 20 години, бројот на ученици во државата е намален за близу 30 проценти, а во исто време, бројот на наставници се зголемил за над 45 отсто.
Сепак како што велат од МОН, тоа не треба да го плаши наставниот кадар. Со преквалификација, учителите ќе ги задржат работните места како образовни асистенти и кариерни советници.
„Во еден период, во изминатите години се изгуби значењето и достоинството на наставникот поради склоп на многу причини. Како што гледате, овие две години правиме се за да го сфатат младите значењето на наставникот кое е од исклучителна важност“ вели Јаневска.
Од сојузот на просветни работници велат дека во време на дигитализација и вештачка интелегенција, улогата на учителот е уште поважна – да го препознае талентот и да внесе самодоверба кај ученикот.
„Вложувањето во образованието е најголема инвестиција за една држава затоа што иднината е во оние што ќе завршат, значи учениците, каде што треба да имаме добри кадри, добра едукација и секое вложување во образованието и учителот е најголема инвестиција за една држава“, изјави Жаклина Ристовска, Претседател на Сојуз на просветни работници.
По повод светскиот ден на учителите, 13 наставници од државата во предучилшно, основно и средно образование добија призанија за најдобри просветни работници.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
