Текстилната индустрија најголем загадувач на Штип
15 000 метри кубни или 700 тони годишно од вкупниот отпад во Штип, отпаѓа на текстилната индустрија. Независно од тоа дали се декларира како царински отпад или не, целиот завршува на штипската депонија, што претставува 40 % од вкупниот отпад што се продуцира во градот.
-Кога ќе го земете резултатот, 700 тони отпад се 700 тони, без разлика дали некој го поминал на царина или не го поминал. Овде мора и самата држава да влезе и да размислува кои би биле одржливи решенија. Едно од одржливите решенија, а од тоа и ние тргнавме, е дека текстилниот отпад не е отпад, туку ресурс- изјави Борис Шарковски, Фондација за развој на локалната заедница-Штип.
Под мотото “не за отпад, да за уметност” во Штип се одржа првата модна ревија на модели изработени од рециклирани материјали, во рамки на проект на две невладини организации и Техничко- технолошкиот факултет при УГД.
-Сметам дека на некој начин ни е потребен ре старт. Сето она што сега го нарекуваме „фест фешн“, можеби треба малку да го успориме, да видиме што се имаме и од тоа нешто да започнеме да создаваме и креираме ново-изјави проф. Сања Ристески, Техничко-технолошки факултет-УГД-Штип.
Целта е да се поттикне социјалното претприемништво, но и текстилните компании да започнат да креираат нови производи, да остварат додадена вредност од она што сега го одлагаат во огромни количини и да отворат нови производствени линии.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар