Текстилната индустрија полека згаснува
Текстилниот сектор подолг период се соочува со криза. Само во изминатиот месец затворени се три конфекции во Штип, а кочанска конфекција минатата недела информираше околу 100 работници дека фабриката ќе престане со работа. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека статистиката покажува сериозен пад на вработеноста во секторот.
- Едната причина е кризата во Европа и падот на побарувачката на текстилни производи, како еден вид на луксузни производи. Втората е губење на конкурентската способност со порастот на платите кај нас, ние станавме скапи за таков вид на дејност и затоа партнерите отидоа во Бангладеж, Индонезија, во Тунис итн. Третата причина е што имаме многу јак денар, фактички курсот за денарот не одговара за извоз, бидејќи нашите компании добиваат многу малку денари, во однос да речеме колку би требало да биде реалниот курс, изјави Ангел Димитров, Организација на работодавачи.
Неговите проценки за иднината се песимистички.
- Ние во најдобрите времиња во 2010-2011 година бевме 63.000 луѓе. Во овој момент во 2024 година бевме 17.500, сега со овој пад некаде околу 15-16.000 илјади луѓе. Значи не верувам дека тоа многу долго ќе оди, можеби за пет години ќе паднеме на 5.000 луѓе. Тоа е пад кој што не можеме да го избегнеме, додаде Димитров.
Оваа индустриска гранка континуирано опаѓа во изминатата деценија. Големите конфекции со стотици вработени речиси исчезнуваат, а производството се сведува на помали капацитети и пократки серии. Според Димитров, помал пад има кај производството на работна облека, додека фабриките што работат модно производство се соочуваат со сериозен ризик од целосно згаснување.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
