Свет
14. December 2025 - 14:38

Терористички напад во Сиднеј: Најмалку 12 мртви на плажата Бонди за време на прославата на Ханука

Најмалку 12 луѓе, вклучувајќи и еден од напаѓачите, загинаа, а 29 се повредени во вооружен напад на познатата плажа Бонди во Сиднеј, соопшти полицијата.

Две вооружени лица денеска отворија оган за време на преполн јавен собир по повод првиот ден Ханука.

Полицијата соопшти дека еден осомничен бил смртно застрелан од полицајци, додека вториот е уапсен и сè уште е во критична состојба. Меѓу повредените има и двајца полицајци.

Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, изјави дека масовното пукање било „дизајнирано да ја таргетира еврејската заедница на Сиднеј на првиот ден од Ханука“.

– Она што требаше да биде ноќ на мир и радост, прославена во таа заедница со семејствата и поддржувачите, беше уништено од овој ужасен злобен напад, рече Минс на прес-конференција, опишувајќи го пукањето како терористички напад.

Сведоци изјавија за австралиските медиуми дека стотици луѓе се собрале на плажата Бонди за да го одбележат почетокот на еврејскиот празник Ханука.

Израелскиот претседател Исак Херцог изјави дека „гнасни терористи“ ги нападнале „Евреите кои отидоа да ја запалат првата свеќа на Ханука на плажата Бонди“.

„Срцето на целата нација Израел прескокнува во овој момент, додека се молиме за закрепнување на повредените и за оние кои ги загубија животите“, додаде Херцог. Тој нагласи дека Израел постојано повикувал на акција за справување со „огромен бран“ на антисемитизам што го зафаќа австралиското општество.

Полицијата на Нов Јужен Велс, исто така, соопшти дека специјални единици испитуваат голем број сомнителни предмети во околното подрачје и дека е воспоставен безбедносен кордон. Јавноста е повикана да се држи настрана, а полицијата ја опиша ситуацијата како операција што е во тек.

Инаку, денеска е првиот ден Ханука. Со заоѓањето на сонцето започнува еврејскиот празник на светлината, Ханука, кој трае осум дена и ноќи, во текот на кои еврејските семејства палат менора со осум главни гранки и една помошна гранка. Овој празник ја прославува победата на Евреите над окупацијата и го одбележува чудото на светлината кога маслото во Храмот траело цели осум дена. Централен чин на прославата е палењето на свеќичките во осмокракиот свеќник ханукија (менора), симболизирајќи го повторното воспоставување на верските слободи. Во моментот на нападот во Сиднеј, Евреите се собирале за да ја запалат првата свеќа на празникот.

 

МИА