Македонија
2. August 2026 - 12:25

Тетово го одбележа Илинден: „2 Август не е само датум, туку завет“

Со интонирање на државната химна и со читање на делови од Крушевскиот Манифест и реферат за двата Илиндена, во Тетово денеска беше одбележана 123 годишнината од Илинденското востание и 82 годишнината од првото заседание на АСНОМ. Прославата, организирана од Сојузот на борците од Тетово, се одржа пред споменикот на Револуцијата во центарот на градот.

-2 Август не е само датум, тој е завет. Од Херонеја каде што мекедонската храброст испиша историја, преку Илинден каде што слободата беше посакана повеќе од животот, до АСНОМ каде што државата доби свој темел - се протега една иста нишка: непокорниот дух на Македонија. Нашата сила никогаш не била само во мечот, ниту само во пушката, туку во народот што знаел да стане кога било најтешко. Нека овој 2 Август нè потсети дека татковината не се наследува, таа се чува, се гради и се остава посилна на идните поколенија- беше кажано на годинашново одбележување на двата Илиндена во Тетово.

Пред Споменикот на револуцијата цвеќе положија претставници АРМ, МВР, Сојузот на борците, локалната самоуправа, политички партии и здруженија. 

МИА