Македонија
22. July 2023 - 16:34

Топлото време сериозно влијае врз хронично болните

Топлотниот бран со екстремно високи температури кој трае втора недела го зголеми бројот на пациенти со мозочни и срцеви удари. Од Клиниката за неврологија велат дека периодов додека трае портокаловата фаза имаат повеќе амбулантски прегледи, но и хоспитализации. Професорката
Драгана Петровска Цветковска објаснува дека ударите секогаш се последица на не добро контролирани претходни заболувања и за разлика од зимата и при промена на времето, причината за мозочен удар при вакви услови е поинаква.

-Бидејќи со самата топлина телото губи вода со самото потење, а со тоа доаѓа до состојба за зголемување на густината на крвта, па тука под ризик се пациентите со срцеви заболувања. Тука ретко гледаме скок на крвниот притисок. Самата топлина доведува до пад на крвниот притисок, може ако излегуваме од оладена во топла просторија да почнеме нагло да се потиме и да дојде до пореметување на ритамот на срцевата работа и како резултат на тоа доаѓа до мозочен удар, вели проф.д-р Драгана Петровска Цветковска, од Клиниката за неврологија и претседател на Македонското невролошко здружение.

Кардиолозите пак предупредуваат на зголемен број пациенти периодов поради екстремно топлото време, дел и помлади бидејќи не ги почитувале препораките, долго останале на сонце не заштитени и колабирале или пак претерале со разладувањето на просториите.

-Да се пијат повеќе течности и соодветно разладување на внатрешните простории, разликата да не биде повеќе од 10 степени од надворешната температура зошто може да настане шок на организмот, вели д-р Владимир Ристовски, кардиолог во ГОБ 8 септември.