Трамп нареди итна исплата на 50.000 вработени во обезбедувањето на американските аеродроми

Американскиот претседател Доналд Трамп најави преземање извршни мерки за исплата на 50.000 работници на аеродромите откога во Конгресот закочи договорот за решавање на недостигот од персонал што го парализира внатрешниот авиосообраќај во САД.
Трамп соопшти дека му наложил на Министерството за татковинска безбедност (ДХС) „веднаш да ги исплати агентите на Управата за безбедност во транспортот (ТСА)“ со цел да се реши вонредната состојба и, како што рече, „бргу да се запре хаосот предизвикан од демократите на аеродромите“.
– Тоа не е лесно да се изведе, но јас ќе го направам – порача претседателот.
Засега останува нејасно колку долго ќе трае ова финансирање и дали Трамп ќе ги користи средствата на ДХС одобрени минатата година во рамките на законот за даноци и потрошувачка.
Според податоците на Министерството, речиси 500 службеници за аеродромска безбедност дале отказ од почетокот на делумната блокада на владата во февруари. Спорот во Конгресот за финансирањето на овој ресор ги принуди службениците на ТСА да работат без плата.
Демократите во Конгресот го блокираа финансирањето на ДХС барајќи промена на правилата за имиграциските операции по инцидентот во Минеаполис, каде што агенти ги застрелаа американските државјани Рене Гуд и Алекс Прети. Од друга страна, републиканците ги одбија предлозите за посебно финансирање само на ТСА додека траат преговорите за реформите во имиграциската служба.
Од ТСА во средата повторија дека агенцијата би можела да биде принудена да ги затвори помалите аеродроми доколку се влошат проблемите со кадарот. Повеќе од 11 проценти од службениците (3.120 агенти) не се појавиле на работа во средата, а на аеродромите во Њујорк (ЈФК), Хјустон, Балтимор, Њу Орлеанс и Атланта стапката на отсуства надминува 30 проценти.
Крис Сунуну, извршен директор на групацијата Airlines for America, апелира до Конгресот за брзо решение предупредувајќи дека дури и при евентуален договор во Сенатот до денеска патниците ги очекува „многу тежок викенд“ бидејќи процесот нема веднаш да се финализира.
Трамп додаде дека како опција за справување со безбедносните потреби ја разгледува и можноста за распоредување трупи на Националната гарда на аеродромите.
ТСА моментно се соочува со зголемен обем на патувања за време на пролетниот распуст, кој е за пет проценти поголем од лани. Зголемените отсуства во последните денови доведоа до повеќечасовни доцнења на безбедносните пунктови. Како привремена помош, од понеделникот на 14 американски аеродроми се распоредени стотици имиграциски агенти и службеници за внатрешна безбедност, кои помагаат во проверките на личните карти, логистиката и контролата на метежот.
МИА
Ново на Сител
-

Законот за Советот на јавни обвинители го помина првото читање во матичната комисија
-

Нова програма на СДСМ: Скратена работна недела, повисоки пензии, нула корупција
-

Министерот за здравство не открива кои доктори незаконски заработувале над 10.000 евра месечно
-

Расте бројот на пациенти со меланом - најзагрозени на истокот од државата
-

Потврда на идентитетот, повисоки плати и пензии и даночни олеснувања – СДСМ ја промовираше програмата
-

Стартува собраниската расправа за законот за Совет на јавни обвинители
-

УМС на ВМРО-ДПМНЕ домаќин на настан на студентската организација на Европската народна партија
-

Домот за стари лица во Кочани станува реалност
