Трамп: Поморската блокада во Ормуска Теснина останува до потпишување договор

САД ќе ја задржат поморската блокада на иранските бродови во Ормуска Теснина сè додека договорот не биде потпишан, порача американскиот претседател Доналд Трамп, додека високи претставници на неговата администрација тврдат дека преговарачите би имале рок од 60 дена за постигнување конечен договор.
Американската блокада на иранските бродови во Ормуска Теснина „ќе остане целосно vo сила сè додека договорот не биде постигнат, заверен и потпишан“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут Соушал.
„Двете страни мора да одвојат време и тоа да го направат како што треба“, додаде тој.
Од иранската Влада засега нема официјален одговор, но агенцијата Тасним, поврзана со иранската Револуционерна гарда, објави дека САД и натаму попречуваат делови од можниот договор, вклучително и барањето на Техеран за ослободување на замрзнатите средства.
Трамп ден претходно изјави дека Вашингтон и Техеран во голема мера усогласиле меморандум за разбирање кој треба да биде основа за мировен договор и повторно отворање на Ормуска Теснина, клучна за глобалните испораки на нафта и течен природен гас.
Висок претставник на администрацијата на Трамп изјави за новинарите дека договорот нема да биде потпишан денеска, но ги изнесе „најновите контури“ на преговорите, пренесува Хина.
Претставникот, кој зборувал под услов на анонимност, рекол дека Иран „начелно“ се согласил да ја отвори Ормуска Теснина во замена за укинување на американската поморска блокада и да се ослободи од високо збогатениот ураниум. Тој додал дека Вашингтон верува оти иранскиот врховен лидер ајатолахот Моџтаба Хамнеи го одобрил поширокиот рамковен договор.
Од Иран засега нема официјална потврда ниту појаснување што значи „начелно“.
Американскиот претставник навел дека Вашингтон најпрво предвидува повторно отворање на теснината и укинување на американската поморска блокада, додека разговорите за деталите околу нуклеарните мерки би траеле подолго. Тој ги отфрлил тврдењата дека Иран не прифатил да се ослободи од резервите на збогатен ураниум.
„Прашањето е – како?“, изјавил претставникот.
Друг висок претставник на администрацијата изјавил дека предложената рамка на преговарачите би им дала 60 дена за постигнување конечен договор.
Ирански извори за Ројтерс изјавиле дека во идните фази би можеле да се најдат „изводливи формули“ за решавање на спорот околу резервите на високо збогатен ураниум, вклучително и негово разредување под надзор на агенцијата на ОН за нуклеарен надзор, пренесува Хина.
Кревкото примирје е во сила од почетокот на април, но двете страни и натаму имаат несогласувања околу повеќе прашања – иранските нуклеарни амбиции, израелската војна во Либан против проиранското движење Хезболах, како и барањето на Техеран за укинување на санкциите и „одмрзнување“ на десетици милијарди долари приходи од нафта блокирани во странски банки.
МИА
Ново на Сител
-

Малолетничка со породилни болки донесена на Клиниката за гинекологија, мајката е приведена
-

Папата Лав XIV лично ќе ја претстави својата прва енциклика за вештачката интелигенција
-

Жолт метеоаларм во Париз поради топлотниот бран, Велика Британија пред соборување три рекорди
-

До крајот на неделата претпладне сончево, попладне дожд и засилен ветер
-

Шампионска титула за МЗТ Скопје Аеродром
-

Најмалку петмина повредени откако трамвај излета од шини и удри во зграда во Белград
-

Љутков од Рим: Чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј е духовен мост и светилник што со векови го чува пламенот на словото
-

Вучиќ: Моја оставка, па избори
