Трамп удри по CNN, NBC и други телевизиски гиганти, истрага поради бојкот на Белата куќа

Американското Министерство за правда соопшти во саботата дека истражува дали телевизиските мрежи ги прекршиле федералните закони за заштита на конкуренцијата со одлуката за бојкот на известувањето од Белата куќа.
Под истрага се телевизиските мрежи ABC, CBS, CNN, NBC и Fox News, наведоа од Министерството за правда.
„Заедничкиот бојкот меѓу конкурентите на пазарот може да претставува прекршување на Шермановиот закон“, изјави портпаролот на Министерството за правда.
Шермановиот закон е првиот и основен федерален закон на САД во областа на заштитата на конкуренцијата, усвоен уште во 1890 година. Со него, меѓу другото, се забрануваат договори, спогодби или заговори што ја ограничуваат слободната трговија, вклучително и заедничките бојкоти.
„Одделот за заштита на конкуренцијата спроведува истрага за да утврди дали овие медиумски организации ги прекршиле законите за заштита на конкуренцијата“.
Оваа истрага е најновиот во низата судири меѓу администрацијата на Трамп и водечките медиумски куќи. Претседателот Доналд Трамп повеќепати ги нарече мејнстрим медиумите „лажни вести“, а често влегува во конфликти со новинарите за време на средбите со медиумите.
Овој потег создава и правен, а потенцијално и финансиски притисок врз медиумите да продолжат да известуваат за претседателот, дури и кога не се согласуваат со начинот на кој Белата куќа се однесува кон нив.
Телевизиските мрежи не одговорија веднаш на барањата на Ројтерс за коментар.
Истрагата следува по повеќенеделните тензии меѓу Белата куќа и медиумите.
На 19 септември, Белата куќа им забрани влез во зградата на новинарите на CNN, Politico и MS NOW, одземајќи им ги новинарските акредитации. Од Белата куќа порачаа дека известувањето за претседателот е „привилегија, а не право“.
Засегнатите медиуми поднесоа тужби против администрацијата, тврдејќи дека нивното исклучување го прекршува Првиот амандман на американскиот Устав и дека Белата куќа им се одмаздува поради начинот на кој известуваат.
CNN е една од петте медиумски организации, заедно со ABC, CBS, Fox News и NBC, што го сочинуваат главниот телевизиски новинарски пул на Белата куќа. Тие ги споделуваат трошоците за следење на претседателот, наизменично ја организираат новинарската покриеност и ги споделуваат снимките со медиумите низ целата земја.
Сите телевизиски мрежи што ја следат работата на Белата куќа, вклучително и Fox News, го прекинаа известувањето во знак на солидарност и одбија да обезбедат замена за следење на настаните.
Белата куќа ги врати акредитациите на 24 септември, откако федералниот окружен судија Тимоти Кели оцени дека забраната веројатно е неуставна и ѝ наложи на администрацијата „веднаш да им го врати, повторно да го воспостави и обнови“ пристапот.
Сепак, споровите околу пристапот до одредени претседателски настани и распоредот на новинарскиот пул продолжија и по оваа одлука.
МИА
Ново на Сител
-

Шест полицајци ќе бидат суспензирани за случајот со претепаните момчиња
-

Уапсен Босанец, кај Катланово возел 164 км/ч на место каде што дозволено е 80
-

Осомничените се обиделе да прегазат полицајци и одзеле пиштол, синдикатот реагира на политизација на случајот
-

Мицкоски: Македонија е поголема од секоја политичка генерација, целта е посилна татковина
-

Мицкоски: Овој 11 Октомври нека не биде само ден на сеќавање, зашто слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи
-

Сиљановска-Давкова: 11 Октомври е аманет дека слобода се добива со храброст, а држава се гради со труд, чест и одговорност
-

Македонија го празнува 11 Октомври - 85 години од народното востание
-

Почнува примената на системот „Безбеден град“ во Охрид, Струга, Кичево и Дебар
