Македонија
23. August 2020 - 16:37

Треба ли да се наплаќа за искачување на врвот на Галичица?

Едно Магаро – 200че. Жал ми е што овојпат оваа идилична слика од врв планина и природа ќе нема идилична приказна како вообичаено. Вака е насловен постот на фејзбук на Евгенија Здравевска која пренесува искуство од планинарска тура во која им било наплатено по 200 денари за да се искачат на врвот Магаро на НП Галичица.

 (Еве, да видите до кое дереџе сме дојдени...Наместо регуларна планинарска тура - школски пример за легална кражба. Нека ви стои ова на ѕидот на срамот. Следно, за воздухот да ни наплатите.) стои на статусот.

Оваа објава на социјалната мрежа предизвика лавина од коментари. Дел од планинарите сметаат дека цената е превисока за движење во планина. Тие потенцираа дека за едно петчлено семејство да појде на Магаро ќе му требаат 1050 денари.

Интернационалниот водич на планина Антонио Додески пак со сосема поинаков став тој во телефонски разговор за Сител вели дека неоправдани се реакциите бидејќи станува збор за строго заштитена област и нормално е да се наплаќа како и насекаде во светот.

Во писмениот допис од НП Галичица стои дека посетата не ја наплаќаат заради искористување на ресурси, туку заради искористување на екосистемските услуги во кои секој посетител ужива додека поминува преку Галичица или ја посетува.

(Оваа убавина која не е само за оваа генерација и не е наша, туку припаѓа на целата јавност, мора да се заштитува и да се управува во услови кога ЈУНПГ изнаоѓа начини за самофинансирање. Почнувајќи од 2018 година, па наваму ЈУНПГ го намалуваше директното користење на природните ресурси (производство на огревно дрво), а од 2020 година и целосно го прекина. )пишува во соопштението.

Од Галичица појаснуваат дека средставата кои се генерираат од наплатата на влезници се користат исклучиво за потребите за управувањето на Паркот.