Македонија
13. јуни 2022 - 16:36

Три години по изградбата падна таванот на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе

Избегната трагедија во градинката Мајски Цвет во Тафталиџе. Викендот по поројните дождови падна таванот во новоизградениот објект на установата кој беше пуштен во употреба пред само три години. Четирите занимални се полни со градежен шут и голема среќа според вработените е што тој период немало деца и негователки.

-Утрово првите кога дојдоа на работа видоа што се случило и сите дечиња од овој објект се згрижени во другиот објект на градинката. Засега немаме никакви реакции од родители, вели Татјана Божиновска Миладиновска в.д. директор на градинка Мајски Цвет.

За градоначалникот на Карпош кој утрово бил во градинката, дел од проблемот е од технички карактер а дел поради несовесно и недоволно одржување на објектот.

-Сега го проверуваме и проектот. Негде има повеќе изолација негде помалку. Директорите нема зошто да ги штедат хаус мајсторите треба често одржување. Велат чистеле во ноември, а зимата листовите и другото што се насобрало...ако редовно се штити нема да има проблеми, вели Стевче Јакимовски градоначалник на општина Карпош.

Стевче Јакимовски вели дека проектантите не треба да проектираат скриени олуци но и прашува дали во објекти каде с е сместени деца таваните треба да бидат од гипс картон.

-За време на летниот период градежни работници ќе ги санираат големите штети од паднатиот таван за од семтември децата безбедно да се вратат во занималните.

Во новоизградениот објект се згрижени околу стотина деца.