Три лица осомничени за убиството пред казино во Кавадарци
Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе наредба за спроведување на истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека го претепале и му нанеле смртни последици на кавадарчанецот пред казиното во Кавадарци.
Тие се сомничат дека извршиле кривично дело „телесна повреда со смртни последици“.
- Осомничените, од кои двајца се на возраст од 27 години и еден 35-годишник, на 27 август околу 5 часот наутро, имале вербална расправија со оштетениот во казино во Кавадарци. Потоа излегле надвор, физички го нападнале и го удирале со боксови и клоци по целото тело и глава. Оштетениот се обидел да влезе во казиното, но изгубил свест. Со ударите му нанеле повеќе тешки телесни повреди од кои починал, појаснуваат од Обвинителството.
Оттаму истакнуваат дека во текот на истражната постапка ќе бидат обезбедени сите докази и ќе се врши психијатриско вештачење на осомничените и доколку се утврди дека кај нив постоела свест и намера да го лишат од живот оштетениот, можна е преквалификација на делото во убиство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднел и предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени, особено имајќи ја предвид опасноста од бегство. На ова укажувало и нивното однесување веднаш по настанот.
- Бидејќи тие се оддалечиле од местото и не се пријавиле самите во полиција. Наместо тоа, отишле заедно во стан на едниот од осомничените. Од тие причини јавниот обвинител оцени дека притворот е неопходен за непречено водење на постапката и обезбедување на сите докази, подвлекоа од Обвинителството.
МИА
Ново на Сител
-
Фон дер Лајен го најави 19-от пакет санкции против Русија по синоќешниот ракетен напад врз Киев
-
МОН објави обука за наставници за примена на вештачката интелигенција во наставата
-
Почина возач откако излетал од патот кај селото Облешево
-
На Табановце се чека околу 30 минути
-
Унгарија ја тужи ЕУ за користење на каматата од замрзнатите руски средства за помош на Украина
-
Еден починат и тројца повредени во сообраќајка кај Градско
-
Трамп сака да го ограничи времетраењето на визите за странски новинари и студенти
-
Во изминатото деноноќие приведени три лица за управување со возило под дејство на алкохол