Три лица тешко повредени во две сообраќајки
Еден тракторист и двајца возачи на патнички возила се повредени во две одделни сообраќајни несреќи кои се случија синоќа во струмичко. Првата несреќа во која тешко е повреден возач на трактор се случила на регионалниот пат Валандово Струмица, во близина на Вландовско брдо.
Во несреќата учествувал трактор ИМТ 529 со струмички регистарски ознаки. Од за сега непознати причини возачот на тракторот, 54 годишен жител на селото Костурино изгубил контрола и удрил во земјен брег покрај патот при што се здобил со тешки телесни повреди. Веднаш по несреќата тој е пренесен во струмичката болница .
Втората несреќа се случи само неколку часа подоцна на регионалниот пат Струмица Банско помеѓу Ауди управувано од жител на радовишкото село Ораовица и голф што го управувал жител на село Куклиш. Откако се судриле, после ударот патничкото возило Ауди слетало надвор од патот, додека голфот се извртел на коловозот и удрил во сообраќаен знак. Во несреќата и двајцата возачи се повредени и пренесени во болницата во Струмица за укажување на неопходната медицинска помош.
Поради увидот овој патен правец синоќа неколку часа беше затворен, а сообраќајот се пренасочуваше по споредните локални патишта.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
