Македонија
22. November 2023 - 16:38

Трикафта во декември за 39 пациенти – лекот го чека и Игор Пехчевски

Со венска терапија, инхалации и вежби со физиотерапевт, Игор Пехчевски од болничкиот кревет на Пулмологија бара и очекува да добие трикафта во декември. Овој пациент со цистична фиброза кој со месеци постојано алармира за неопходната терапија, поради влошување на состојбата веќе една недела е хоспитализиран на клиника.

 -Мојата состојба е веќе драстично влошена, мојата килажа е намалена за 10 килограми од ланската година кога бев хоспитализиран. Нашите барања се во декември, како што кажаа властите да дојде лекот  ида го земаме сите 55 пациенти и во 2024 година да се зголеми бројот и да има лек за сите, вели Игор Пехчевски, пациент со цистична фиброза

Пехчевски уште една недела ќе биде пациент на Пулмологија до стабилизирање на неговата состојба. Тој се надева дека ќе биде на списокот на пациенти кои во декември ќе добијат трикафта. Од Министерството за здравство денеска ја потврдија информацијата што Сител ја објави вчера дека веќе е направена набавката на терапијата и нови 39 пациенти со цистична фиброза ќе го добијат лекот за три недели.

-Според цената што ја постигнавме претходно за лекот, пресметаните количини што можат да се обезбедат со овие пари е за 102 тераписки режими. И според одобрените средства ова е планот за оваа година. За 2024 ќе се преговара да се обезбеди терапија за сите пациенти што ги исполнуваат критериумите за трикафта, вели проф. д-р Стојка Фуштиќ, директор на Клиника за детски болести.

Со 100 те милиони денари кои беа одобрени уште во септември, од Детска клиника ќе обезбедат терапија до април и за 12-те пациенти кои почнаа со трикафта во март кога лекот стигна по силните притисоци, протести, но и тажната судбина на Благојче Илиевски кој почина и не дочека да ја добие современата терапија.

Здравствените власти за наредната година дополнително ќе преговараат за финансии и обезбедување лек за сите.