Македонија
7. August 2025 - 16:50

Тројца осомничени за напад врз полициски службеници во Скопје

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје повел постапка против три лица осомничени дека заедно извршиле кривично дело Напад на службено лице при вршење работи на безбедноста.

Државното јавно обвинителство информира дека тројцата соизвршители, заедно со уште едно дете против кое ќе се води соодветна постапка согласно Законот за правда за децата, на 5 август во вечерните часови, на улицата Босна и Херцеговина” нападнале тројца полициски службеници.

-Полицајците постапувале по дојава дека на наведената локација има вооружени лица со автоматски пушки. Се обиделе да ги легитимираат осомничените, но тие одбиле и физички ги нападнале полицајците, удирајќи ги со боксови. Полициските службеници успеале да ги совладаат и ги привеле, соопшти ЈОРСМ.

Ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител предложил на осомничените да им бидат определени мерки на претпазливост забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.