Тројца пакистански и еден македонски државјанин осомничени за криумчарење мигранти
Дванаесет мигранти, меѓу кои и две деца, биле држени и малтретирани во куќа во пограничното село Ваксинце открила полицијата во акција спроведена во петокот по дојава од српската полиција. За криумчарењето се осомничени четири лица, од кои тројца пакистански и еден македонски државјанин. Обвинителството веќе поведе истрага, а за тројца од нив е одреден 30-дневен притвор, додека за еден – куќен притвор.
Според досегашните сознанија, осомничените, по претходен договор, прифаќале мигранти и ги сместувале во куќата на осомничениот македонски државјанин.
Кога мигрантите ќе посакале да си заминат, осомничените Пакистанци со намера да извлечат дополнително пари од мигрантите, постапувале понижувачки и сурово кон нив. Тие ги принудувале жртвите телефонски да стапат во контакт со свои роднини кои веќе биле заминати во западноевропските земји и да бараат роднините да префрлат пари на сметки што осомничените им ги посочувале. Ако за определено време не биле испратени парите, жртвите биле тепани и малтретирани со палки и шипки, обајснуваат од обвинителството.
На ваков начин, минатата недела постапиле и со две лица од индиско потекло. Вознемирени, мигрантите се јавиле на пријатели во Белград и побарале од него да уплати по 1.300 евра за секој за да можат да ја продолжат рутата. Пријателот случајот го пријавил во српската полиција, а таа ги известила македонските власти, по што во петокот вечерта била спроведена акцијата во Ваксинце.
Ова е втор случај на криумчарење и малтретирање на мигранти во Ваксинце за нецели две недели.
Тој посочува дека во последно време има и обратна насока на движење на мигранти од Куба, кои влегуваат од српска страна и патуваат кон грчката граница.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
