Балкан
26. January 2026 - 9:17

Тројца загинати, две исчезнати и седуммина повредени во пожар во фабрика во грчкиот град Трикала

Безживотните тела на три жени биле извлечени по гаснењето на пожарот што околу 4 часот утрово избувна во фабриката за производство на бисквити „Виоланда“ во грчкиот град Трикала, додека пак исчезнати се уште две вработени, а повредени се седум лица.

Според локалните медиуми, пожарот избувнал за време на ноќната смена со 13 вработени во погонот за производство и печење бисквити, при што имало и експлозии, а причините засега се непознати.

Експлозиите, според истите информации биле толку силни што се слушнале и во околните села и во центарот на Трикала што е на околу шест километри од фабриката.

Противпожарната служба интервенираше со 40 пожарникари со 13 возила, а помагаа и цистерни од општината.

Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис говорејќи за телевизијата „Скај“ рече дека во болницата во Трикала се пренесени шестмина вработени и еден пожарникар, сите се во добра состојба, генерално со проблеми со дишењето. 

 

МИА