Турција и Грција посветени на зајакнување на пријателските односи и подобрување на каналите за комуникација

Турција и Грција уште еднаш нагласија дека се решени да ги зајакнат пријателските и добрососедските односи, меѓусебната почит, мирниот соживот и ја потврдија својата посветеност за подобрување на ефикасните канали и механизми за комуникација на сите нивоа, како и за елиминирање на неоправдани извори на тензии, со цел да се избегне можна ескалација и ризици во управувањето со билатералните односи, пишува во заедничката декларација меѓу двете земји потпишана од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Освен заедничката декларација на вчерашниот Висок совет за соработка меѓу двете земји одржан во Анкара беа потпишани и шест договори за соработка, а токму унапредувањето на билатералните односи и проширувањето на областите на соработка се истакнати и во заедничката декларација меѓу владите на Турција и Грција.
- Двете страни повторија дека проширената билатерална соработка, со целосно почитување на меѓународното право, вклучително и Повелбата на ООН, дополнително ќе ги зајакне регионалниот мир, стабилност и просперитет и ќе го стимулира економскиот раст на регионот, пишува во декларацијата.
Двете земји се согласиле дополнително да ги зајакнат трговските врски со цел обемот на билатерална трговија до крајот на деценијата да достигне 10 милијарди долари, го поздравиле продолжувањето на програмата за издавање краткорочни визи за турските туристи на 12 грчки острови во Егејското Море, ја нагласиле и важноста на соработката во борбата против нелегалната миграција, како и против тероризмот и организираниот криминал.
Дополнително, во заедничката декларација споменати се можностите за соработка во енергетиката, во модернизацијата на клучните прекугранични патни и железнички коридори, во одржливото управување со водите во сливот на реката Марица/Еврос, како и во областа на новите технологии.
Турција и Грција ја потврдуваат и „својата посветеност за конструктивна работа во рамки на НАТО како две сојузнички земји, вклучително и во пресрет на Самитот во Анкара што ќе се одржи на 7 – 8 јули 2026 година во Турција“.
- Двете страни разменија мислења за односите Турција – ЕУ. Двете земји се согласија да ја прошират соработката во меѓународните организации и, каде што е можно, меѓусебно да ги поддржуваат кандидатурите во меѓународни форуми. Двајцата лидери имаа и сеопфатна размена на мислења за билатералните прашања, како и за регионалните и меѓународните случувања. Тие се согласија да го задржат позитивниот моментум во политичкиот дијалог, Позитивната агенда/Заедничкиот акциски план и разговорите за мерките за градење доверба, пишува во заедничката декларација потпишана од Мицотакис и Ердоган.
Во изјавите по шестиот Високиот совет за соработка во Анкара турскиот претседател и грчкиот премиер ја истакнаа важноста на одржување на меѓусебните контакти и дијалогот, а се осврнаа и на нерешените прашања меѓу двете земји.
Ердоган нагласи дека јасно и искрено разговарале за позициите за Егејското море и Источниот Медитеран.
- Ние уште од минатото до сега сметаме дека иако овие прашања се трнливи, не се нерешливи врз основа на меѓународното право, доколку постои добра намера, конструктивен дијалог и волја за решение. Со задоволство констатирав дека се согласуваме со мојот драг пријател Киријакос по ова прашање. Веруваме дека од 2023 година па натаму ќе се постигне напредок и во решавањето на меѓусебно поврзаните прашања во Егејското море, истакна Ердоган.
Во однос на нерешените прашања меѓу двете земји, грчкиот премиер посочи дека одредувањето на морските зони, континенталниот гребен и Ексклузивната економска зона (ЕЕЗ) во Егејот и во Источниот Медитеран е „единствената разлика што би можела да се изнесе пред меѓународен судски орган врз основа на меѓународното и морското право“.
- Искрено посакувам и да го споделам вашиот оптимизам дека условите ќе овозможат развреска во таа насока. И затоа, господине претседателе, сметам дека во истиот дух со позитивното искуство, веќе е време да се отстрани секоја закана, формална и суштинска, во нашите односи. Ако не сега, кога?, рече Мицотакис.
MИА
Ново на Сител
-

На Клинички ќе има четири вида на плаќање, а цените ќе ги одредува советот на Град Скопје
-

ССМ на блокада пред Стопанската комора
-

Мицкоски бара извинување од Трендафилов за навредите кон Стојаноска
-

Повластени тарифи за 60 производи
-

Преглед на вестите од светот
-

Работниците денеска го блокираат Сојузот на стопански комори
-

Кој се ќе биде опфатен со владината реконструкција?
-

Саит Саитов приведен во Србија, се чека негова екстрадиција
