На Клинички ќе има четири вида на плаќање, а цените ќе ги одредува советот на Град Скопје
На местото на срушената модуларна болница пред Инфективна ќе биде сместена една од трите монтажни катни гаражи на Клинички. Другите две ќе бидат до Гинекологија и покрај хелиодромот. Со надминување на административните процедури министерот за здравство уверува дека до летото со повеќе од 1000 паркинг места ќе се реши деценискиот проблем со паркингот. Со него 15 години ќе стопанисува Градски паркинг, откако пропадна планот просторот да се даде под концесија на албанската компанија Џока констракшан.
Договорот помеѓу двете државни институции допрва ќе се потпише. Алиу вели дека еден од условите е да има 4 вида на плаќање, а дали ќе има поскапување треба да одлучи советот на Град Скопје.
- Онколошките пациенти и сега имаат бесплатно паркинг-место, тоа ќе продолжи да биде така. Пациентите што се лекуваат тука ќе плаќаат цена што ќе биде достапна за нив и нема да биде комерцијална. Вработените во Клиничкиот центар ќе имаат цена што е достапна за администрација. На крајот, ќе имаме цена што ќе биде комерцијална, како на сите паркинг-места што има комерцијални цени. Тоа ќе биде за граѓани кои се паркираат поради други причини или за да посетат некој близок, хоспитализиран во кампусот „Мајка Тереза“ во Скопје, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Освен дополнителни паркинг места, старо новиот концесионер на паркингот на Клинички ќе има обврска и да го дигитализира, модернизира и хортикултурно да го уреди просторот во Комплексот. Министерот за здравство најави дека со кодот на упатот ќе се докажува дека некој бил на преглед или интервенција на Клинички, а ќе може и од претходно да се резервира
- Едниот начин е преку апликацијата, ќе може од дома да резервирате паркинг место, и ако сте пациент, со бројот на упатот. Ако тоа не го правите преку апликацијата, имајќи предвид дека граѓаните и немаат толку вештини за да може тоа да се аплицира, може тука кога ќе бидат пред рампата да се скенира само кју-ар кодот од упатот и автоматски ќе може да добијат цена за услуга којашто е наменета за пациент. Ако сте вработен, ќе имате кју-ар код како вработен или исто така ќе може да се резервира преку истата апликација. Ако сте граѓанин којшто нема упат, едноставно комерцијална цена, ќе треба само да влезете, ќе се отвори рампата, ќе најдете паркинг место и ќе се плати или онлајн преку истата апликација или ќе биде стандардно како што и досега е преку плаќање со кеш или со картичка, паркинг место, рече Алиу.
Инаку паркингот на Клинички е еден од најпрофитабилните, според последните податоци само во 2024 година биле остварени приходи во вредност од над 770.000 евра. И покрај ова вработените на Клинички, пациентите и нивните блиски секојдневно мака мачат да најдат слободно паркинг место.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
