Македонија
12. February 2026 - 16:33

Мицкоски бара извинување од Трендафилов за навредите кон Стојаноска

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов да и се извини на пратеничката Дафина Стојановска за навредите упатени кон неа како жена и мајка, бара премиерот Мицкоски..Ваквите реакции следуваат по барањето на првиот синдикалец Собранието да и го одземе имунитет на Стојаноска откако таа објави видео на кое Трендафилов со службеното возило ги зема своите малолетни деца од училиште. Мицкоски му порача како јавна личност да се научи на критики и да користи примерен речник. 

„Како загрижен родител, таков се обидуваше да се претстави, барем речникот да му биде попристоен бидејќи сепак станува збор за жена, мајка. На тоа видео никој не ги покажува малолетните деца на господинот Трендафилов. Напротив, колку што јас можев да видам, многу е внимавано на тоа. Мораше господинот Трендафилов да биде малку покултурен со својот речник. Сите оние навреди кои ги кажа заслужуваат, во најмала рака, денеска пратеничката Дафина Стојановска да добие извинување од него. Доколку тоа не го стори уште еднаш ќе ја пропушти шансата да видиме човечки материјал во него. Сето она што го кажа, оној фројдовски модел, претпоставувам длабоко во него работи потсвеста, токму тоа го мисли за самиот себе.Тие мислеа дека ќе најдат прокси преку Трендафилов кој што е влезен во една специфична состојба кога се обидува да биде на сцената во Македонија, а од друга страна кога ќе биде критикуван тогаш почнува да навредува и со крвави зеници и белки во очите напаѓа мајки, сестри, сопруги и така натаму.  “, рече премиерот Мицкоски.

Во одбрана на сопартијката Стојановска застана и пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ. Обвинуваат дека однесувањето на Трендафилов е директен атак врз Стојановска. Бараат надлежните институции и организации за заштита на жените да постапуваат по овој случај.

Она што го видовме од страна на Слободан Трендафилов не е ништо помалку од директен атак, обид за замолчување и брутален притисок врз жената во политиката. Наместо да одговара за сопствените постапки, Трендафилов избра кукавички начин да ја нападне жената која имаше храброст јавно да го изнесе неговото расипништво. Ова е класичен пример на мизогинија, каде маж на функција се обидува да дискредитира и деградира жена, само затоа што таа ја обелоденила вистината. Ги повикуваме сите релевантни домашни и меѓународни организации за заштита на правата на жените, невладиниот сектор, народниот правобранител и сите други надлежни институции, веднаш да реагираат. 

Трендафилов не се извинува, ниту сака да ги коментира обвинувањата. Но на социјалните мрежи објави видео изјава од Стојановска од пред речиси четири години во кое таа од опозиција ги поддржува барањата на ССМ за покачување на платите во јавниот сектор.  

По објавеното видео случајот го пријавил и во Полициска станица.