Уапсен игумен во Грција додека се обидувал да продаде византиски реликвии за 200.000 евра
Игуменот на грчкиот манастир Успение на Пресвета Богородица на Пелопонез и неговиот помошник биле уапсени додека се обидувале да продадат десетина византиски икони и две евангелија за 200.000 евра, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации, грчката полиција спровела акција и игуменот бил уапсен во моментот кога се обидел да ги продаде византиски реликвии на полицаец кој се претставил како купувач.
Во случајот, освен игуменот и неговиот помошник, уапсени се уште четири лица, кои биле вмешани во продажбата.
Грчките медиуми објавија дека двете евангелија се од 1737 и 1761 година, а Министерството за култура на Грција ќе ги истражи реликвиите за да се процени нивната религиозна и трговска вредност.
Манастирот Успение на Пресвета Богородица, познат и како манастир Мега Спилео (Голема пештера) се наоѓа во Калаврита, во северниот дел од Пелопонез, изграден на отворот на голема пештера, а старите традиции го припишуваат основањето на манастирот на солунските браќа монаси Симеон и Теодор и го поврзуваат со чудесното наоѓање на познатата икона на Пресвета Богородица во пештерата во 362 година.
МИА
Ново на Сител
-
Вицепремиерот Фетаи одби да одговара на прашања на македонски јазик – не го владеел добро
-
Филипче: Резолуцијата е гаранција за заштита на националните интереси
-
Запален автомобилот на Ѓорѓи Галетановски Чомбе, вели немал закани, ниту непријатели
-
Македонскиот тим на прва мисија на НАТО вежбата во Бугарија 2025
-
Статистиката измери инфлација од 4,4% во август
-
Хајрлуахи: Прават дефокус од Рекет 2
-
СДСМ: АНБ да ги декласифицира документите
-
Владините возила добија црвени таблички