УЕФА ги повика членките на итен состанок, меѓу темите и можен бојкот на Светското првенство

Земјите членки на Европската фудбалска федерација (УЕФА) ќе одржат итен состанок подоцна оваа недела за да разговараат во врска со контроверзните предлози на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) за продажба на комерцијалните удели во нивните најголеми натпреварувања, а не е исклучено меѓу темите на состанокот да биде и прашањето за евентуален европски бојкот на Светското првенство.
Како што објави денеска Би-Би-Си, 55-те членки на УЕФА ќе одржат состанок преку видеоконференциска врска и би било изненадување доколку на состанокот не се дискутира за можен бојкот.
Претходно оваа недела, ФИФА објави дека сака да формира нова комерцијална подружница за управување со своите големи натпреварувања, вклучувајќи го и Светското првенство, и да им дозволи на надворешни инвеститори да купуваат акции во компанијата.
Ова предизвика стравувања дека приватните инвеститори ќе добијат премногу влијание врз натпреварувањата, иако ФИФА тврди дека ќе обезбеди повеќе пари да се распределат на фудбалските асоцијации низ целиот свет.
УЕФА вчера остро реагираше, порачувајќи оти „фудбалот не е имот на ФИФА да го продава“.
Образложувајќи ги своите планови, ФИФА наведе дека е принудена да разгледува предлози за да помогне во поттикнување на развојот на фудбалот на глобално ниво, но тоа предизвикува стравувања дека нејзините најголеми натпреварувања, Светското првенство за мажи и жени, како и Светското клупско првенство, би можеле да се одржуваат почесто и со поголем број екипи во обид да се генерираат повеќе приходи.
Ова би имало големи последици за и онака веќе згуснатиот фудбалски календар, кој е дополнително оптоварен со проширувањето на европските клупски натпреварувања.
Англиски фудбалски извор за Би-Би-Си изјави дека заканата што ја претставуваат најновите планови на ФИФА е една од најголемите со кои се соочил фудбалот и е на исто ниво со проектот за Европската Суперлига, кој предизвика голема контроверзност во 2021 година и беше отфрлен 48 часа откако беше претставен.
ФИФА објави дека нејзиниот план е да го зголеми финансирањето за развој на фудбалот низ целиот свет на 10 милијарди долари и оти планира да им понуди на сите свои 211 членки еднократна финансиска поддршка од 20 милиони долари.
МИА
Ново на Сител
-

Волц: Нуклеарната закана од Иран ќе биде главна тема на обраќањето на Трамп пред Генералното собрание на ОН
-

Русија со дрон уби свештеник и рани неколку други во напад врз украински манастир
-

Безживотно тело најдено на Шар Планина
-

Полицијата приведе 19 возачи: 10 возеле пијани, осуммина без положен возачки испит
-

Димитриевски од Велес: Не влеговме во Владата за фотелји, туку за да испорачаме
-

17-годишна девојка загина во сообраќајка на патот Битола-Прилеп
-

Уапсен 31-годишен Мексиканец, пијан нападнал полицаец со тврд предмет во Ѓорче Петров
-

ССМ: Синдикалната минимална кошница за септември 69 432 денари
