Loading Video...
Свет
28. September 2025 - 16:41

Украина под огромен руски напад

Најмалку четири лица загинаа, а десетици се повредени во еден од најмасовните и најдолготрајни напади врз Украина од почетокот на војната.

Русија лансирала речиси 600 дрнови и 48 ракети. Украинската противвоздушна одбрана успеала да собори најголем дел од нив, но и покрај тоа предизвикана е голема штета.

Украинскиот претседател се огласи на Телеграм.

„Овој подмолен напад дојде како виртуелна кулминација на неделата на Генералното собрание на ОН, и вака Русија ја искажува својата вистинска позиција. Москва сака да продолжи да се бори и да убива и заслужува само најсуров притисок во светот“, напиша Зеленски.

Руското Министерство за одбрана, пак, тврди дека огромните ноќни напади биле насочени кон „украинските воено-индустриски претпријатија“.

Градоначалникот на Киев изјави дека една од најтешко погодените локации е државната кардиолошка болница, каде избувнал голем пожар како последица на директен удар од беспилотно летало. Кличко го нарече го нападот „уште еден пример за геноцид врз украинскиот народ“.

„Шест области имаат штети, многу згради се уништени, една од нив зад мене. И во овој момент, можеме да зборуваме за четири лица кои загинаа, а од нив е едно 12-годишно девојче. Осум лица се хоспитализирани, а 13 лица бараат медицинска помош“ - изјави Витали Кличко, Градоначалник на Киев.

Нападите не биле ограничени само на Киев. Во јужниот град Запорожје, ракета погодила станбена зграда при што повредени биле неколку лица.

„Имаше чад. Почнав да се симнувам надолу и подоцна видов еден сосед одозгора како трча по скалите со фенерче, па го следев. Да не го направев тоа, ќе загинев таму“ – жителка на Запорожје.

Поради масовниот напад, безбедносни мерки преземаа и соседните земји. Полска затвори дел од небото над југоисточниот дел. Вооружените сили на земјата кренаа авиони за да обезбедат безбедност на воздушниот простор, соопштувајќи дека дејствуваат превентивно за да ги заштитат граѓаните од потенцијални закани.