Македонија
25. August 2021 - 12:38

Универзитетот Гоце Делчев од Штип ги отвора вратите за идните студенти

Денес, утре и задутре, штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ го отвара вратите за првиот уписен рок за идните студенти. На 12 факултети и 3 академии има слободни места за 4 100 бруцоши. Заради поголема атрактивност, а во согласност со барањата на стопанството, УГД изврши ре-акредитација на студиските програми.

-Се следеа сите модерни текови во Европа и Светот, по светските програми на различни светски универзитети. Сето тоа е ре-акредитирано во нови студиски програми. Обемот е намален, па така во моментот имаме околу 70 студиски програми кои што верувам ќе бидат од голем интерес за сите заинтересирани завршени средношколци, изјави Мишко Џидров, проректор на УГД-Штип. 

Обезбедени се 300 стипендии, а ослободени од партиципација се сите студенти кои ќе се запишат на насоката македонски јазик на Филолошкиот факултет и по 10 најдобро рангирани на техничките факултети, Информатика, Образовни науки и Музичка академија.

-На факултетот по медицински науки, 30-те најдобри средношколци, со најдобар просек, ќе бидат ослободени од плаќање партиципација за прв и втор семестар, додаде Џидров.

Теоретската настава во првиот семестар ќе се одвива он лајн, од причина што процентот на вакцинирани млади лица се уште е многу мал.

-Практичната настава ќе биде комбинирана, односно ќе може да се одвива и он лајн и организирано во нашите лаборатории, но сепак ќе мораме да ги следиме сите оние препораки кои ќе дојдат во наредниот период, изјави Џидров.

Поради актуелната влошена здравствена состојба, поголем дел од факултети се одлучија испитите да се полагаат он лајн.