Успение на Пресвета Богородица: Зошто го барате во гробот, она што беше пренесено на небото

Блаженото успение е наменето за сите нас, кои треба со чистота на душата и телото да го дочекаме секој својот земен крај, дека и нашата душа треба да се стреми да биде како чисто бебенце, слична на душата на Марија, зашто Господ има подготвено многу живеалишта на небото и го остава небото отворено... за сите нас - порачува презвитер Игор Калпаковски од храмот Пресвета Богородица во Скопје, во разговор за МИА, по повод денешниот празник Успение на Пресвета Богородица.
Презвитер Калпаковски одговара како Успение на Богородица - еден од 12-те главни празници на Православната Црква, за верниците се развивал низ историјата и кога започнува неговото посебно литургиско и црковно одбележување, за силното место на Гетсиманија и Ерусалим во православното богослужбено предание поврзано со Успението, за духовната порака на Успението за современиот човек – и како треба го одбележиме празникот.
Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу христијаните.
Како што вели за МИА презвитер Калпаковски, Православната Црква на 15 август, по стариот календар, или на 28 август, по новиот календар, го празнува Успението на Пресвета Богородица, празнично се сеќава на нејзината земна смрт, односно нејзиното блажено „заспивање“ – „успение“, а истовремено и на нејзиното воскресение, т.е. станување од мртвите, и пренесување на небото.
- Светото писмо ни дава сосема малку податоци во врска со последните години од животот на Богородица. Кажува дека кога нашиот Господ умирал на крстот, ги видел својата мајка и својот ученик Јован (подоцна Евангелист и Богослов) и ѝ рекол на Дева Марија: „Жено, ете ти син!“ и на Јован: „Еве ти мајка!“ (Јован 19:25-27). Од тој час, апостолот се грижел за Богородица во својот дом. Исто така, во Дела 1:14 е забележено дека Дева Марија била со светите апостоли на денот на Педесетница, т.е. денот кога Светиот Дух слегува врз апостолите. Извор, пак, за останатите податоци е Светото предание на Црквата, каде што е забележено дека таа останала во домот на апостол Јован во Ерусалим, продолжувајќи ја службата со збор и дело - вели Калпаковски.
Значајно е, посочува тој, да се спомене дека во Стариот завет има неколку таканаречени „праслики“ кои се однесуваат на Богородица. „Прасликите“ претставуваат пророчки записи, настани, виденија, сонови, итн., коишто уште во старите времиња укажуваат на личности што треба да се појават или настани што треба да се случат. Со нив се открива Божјиот план, но завиено, преку слики, а не отворено. Главната праслика која укажува на Богородица ја забележува пророкот Мојсеј во првата од неговите Пет книги (1.Мој. 28:10-17). Тој зборува како Јаков „ја напушти Вирсавија и отиде во Харан, па најде едно место, и таму преноќева... И виде сон: ете, скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и Ангели Божји се качуваа по неа и слегуваа. А ете, Господ стоеше на неа“. Зачуден од овој сон, Јаков „се уплаши и рече: Колку е страшно ова место! Не е друго, а е дом Божји, ова е вратата небесна!“ Светата Црква во своето предание (традиција) отсекогаш оваа слика ја разбирала како пророчка слика којашто укажува на појавата на Дева Марија Богородица, којашто ќе биде „вратата небесна“ и ќе ги соедини небото и земјата. Еве како е опишано ова во една од најчесто користените песни на Црквата упатени кон Богородица, Акатистот: „ Радувај се, скало небесна, преку која Бог слезе“. Бог, Кој „стоеше на неа“ (на скалата), ја исползува личноста на Дева Марија преку неа да се воплоти, да стане човек, за да ги повика луѓето да се обожат.
Почетоците на празникот во четвртиот век
Презвитер Калпаковски појаснува дека празнувањето на Успението на Богородица се развило од празнувањето на Божик, некаде во четвртиот век, во кој настан Богородица, Мајката на нашиот Бог и Спасител, играла важна улога. - Свеченото прогласување на Марија како „Богородица“ на Третиот вселенски собор во Ефес во 431 г. извршило големо влијание врз проширувањето на нејзиното почитување како „Мајка Божја“ (со што се нагласува богомајчинството). Ова е очигледно од фактот дека неколку години подоцна нејзиното богомајчинство се славело во Ерусалим како Празник на Марија, Мајката Божја, на 15 август - вели тој.
Во Египет, истиот празник на Марија се празнувал на 18 јануари под влијание на свети Кирил Александриски (у. 444), кој претседавал со Соборот во Ефес. Во Константинопол, почитувањето на „богомајчинството на Марија“ било промовирано од свети Анатолиј (у. 458), кој, исто така, составил едни од првите песни во чест на Богородица.
Во почетокот на шестиот век, врз гробот на Дева Марија во Гетсиманија била подигната величествена базилика. Со тоа, нагласува нашиот соговорник, празникот на Марија, прославуван на 15 август, добил едно ново значење и станал свечена прослава на смртта на Марија и нејзиното пренесување на небото, под името Празник на Успението.
- Во Константинопол, царицата света Пулхерија (у. 453) го промовирала почитувањето на Богородица и изградила три цркви во нејзина чест. Таа присуствувала на шестата сесија на Четвртиот вселенски собор во Халкидон во 451, а потоа го замолила свети Јувеналиј Ерусалимски (у. 458) да ѝ обезбеди мошти од Мајката Божја за да ги постави во Богородичната црква во Влахерна, близу Константинопол. Светиот епископ ѝ одговорил: „Примивме од старото и најверодостојно предание дека во времето на славното успение (заспивање) на Мајката Божја, сите апостоли беа доведени во Ерусалим. Така, со божествени и небесни пофалби, тие ја предадоа нејзината света душа во рацете на Бога и, земајќи го нејзиното богородително тело, го пренесоа во поворка до Гетсиманија и таму го поставија во еден малечок гроб. Три дена хор од ангели не престануваше да пее над нејзиниот гроб. По третиот ден, кога најпосле пристигна свети Тома (тој беше отсутен и сакаше да му оддаде почит на телото што го роди Христа Бога), тие (апостолите) го отворија гробот и не најдоа ни трага од нејзиното блажено тело. Тогаш, апостолите ги земаа погребните повои, кои беа полни со мирис, и го затворија гробот. Чудејќи ѝ се на оваа тајна, тие можеа да заклучат само дека Оној, Кому Му беше угодно да се роди од неа во плот, Господ на Славата, посакал, по нејзиното заминување од овој свет, нејзиното непорочно и пречисто тело да биде почестено со нераспадливост, пренесувајќи го (на небото) пред општото воскресение на мртвите“ - објаснува презвитер Калпаковски.
Гробот на Мајката Божја - извор на бројни чуда и посебни благослови
Свеченото празнување на празникот на Успението на Пресвета Богородица, како што дополнува, се раширило низ целиот Исток во тек на шестиот век. Со оглед на тоа што празникот бил славен во различни денови, императорот Маврикиј (582-602) наредил во целата Римска империја празникот да се слави на 15 август под името Успение (грчки – „коимесеос“), што, буквално преведено, значи „заспивање“. Свети Модест Ерусалимски (у. 634), кому му се припишува најстарата опширна беседа на празникот Успение, целосно ја прифатил ерусалимската традиција во врска со чудесното успение на Марија и пренесувањето на нејзиното пречисто тело на небото.
- Во средината на седмиот век, празникот на Успението бил воведен во Рим од каде постепено се проширил низ целиот Запад. Во секој случај, кон крајот на осмиот век, Западната Црква го смени името на празникот во Преземање на Блажената Дева Марија на Небото. На Истокот, славењето на празникот беше поттикнато од познатите беседи на свети Андреј Критски (у. околу 720), на свети Герман Константинополски (у. 733) и особено на свети Јован Дамаскин (у. 749), кој стана главен поборник на традиционалното верување во пренесувањето на телото на Марија - посочува презвитер Калпаковски.
Според сведоштвото на свети Јован Дамаскин, укажува, гробот, кој беше засолниште на пречистото тело на Мајката Божја само кратко време, станал предмет на јавно почитување и извор на бројни чуда и посебни благослови. Во беседата (Hom. on Dorm. I, 13) што ја искажал во Базиликата на Успението во Ерусалим, тој покажал на гробот на Марија и рекол: „Нејзиното непорочно тело беше ставено овде, во овој познат и сеславен гроб, од каде по три дена беше пренесено во небесното живеалиште“ (Hom. оn Dorm. 11, 14).
Богослужбените песни коишто го величаат чудесното Успение на Богородица, во најголем дел, како што вели, биле составени во текот на осмиот и деветтиот век од такви познати химнографи (песнописци) како свети Герман Константинополски (у. 733), свети Јован Дамаскин (у. 749), свети Козма Мајумски (у. 760), свети Теофан Граптос (у. 845) и други.
По Божествената литургија на Празникот на Успението се благословуваат цвеќиња и лековити билки
Презвитер Игор Калпаковски објаснува дека празникот на Успението е еден од дванаесетте главни празници на Православната Црква и се слави со невообичаена свеченост. Во подготовката за празникот, за верниците е пропишан период на пост од две недели, наречен Пост на Успението (Богородичен пост), кој започнува првиот ден од август (14 август по новиот календар). Историски, Успенскиот пост може да се следи до деветтиот век (иако во некои места постоел пост околу ова време со векови порано; види го примерот „За трите постови“ од свети Атанасиј Синајски кој се упокоил во 700), но официјално бил воведен во типикот на Православната Црква од страна на Соборот во Константинопол во 1166 г.
- Говорејќи богослужбено, Успението има еден ден предпразнување и осум дена попразнување, коишто свечено се слават во Православието. Во некои храмови посветени на Богородица се пее Оплакување над украсен гроб и малечок храм (едикула) ноќта пред празникот. Според еден стар обичај, по Божествената литургија на Празникот на Успението се благословуваат цвеќиња и лековити билки. Овој обичај најверојатно потекнува од традиционалното верување дека по славното преминување на Марија на небото, нејзиниот свет гроб бил исполнет со „небесен мирис“ и цвеќиња (St. Germanos, I Hom. оn Dorm.). Билките, што луѓето ги користеле како природен лек, се благословуваат во спомен на бројните исцелувања и вонредни благослови дадени на поклониците на гробот на Марија (St. Jonh Damascene, Hom. оn Dorm. I, 13). Благословувањето на билките на празникот на Успението било воведено од Отците за да се изборат со суеверните баења и шарлатанството меѓу луѓето.
Благодeтите на Мајката на Животот се излеваат на секое место низ целиот свет
Проповедајќи покрај гробот на Марија, свети Јован Дамаскин ги потсетувал луѓето дека: „Божествената сила не е ограничена од кое било место, како ни неисцрпната добрина на Богородица. Зашто, ако благодeтите беа ограничени само на нејзиниот гроб, само малкумина ќе ги добиеја. Сега, нејзините благодeти се излеваат на секое место низ целиот свет“ (Hom. оn Dorm. II, 19). Во неговата беседа на Успението, свети Јован Дамаскин му дава глас на Гробот на Марија:
„Зошто го барате во гробот она што беше пренесено на небото? Зошто изнудувате од мене извештај за нејзиното распаѓање? Јас немам моќ да одам против божествената заповед. Оставајќи ги погребните повои, тоа свето и освештено тело, коешто ме исполнуваше со миро, сладок мирис и светост, беше зграпчено и пренесено во придружба на сите небесни сили. Сега ангелите продолжуваат да пазат на мене. Сега божествената благодат престојува во мене. Станав бунар на исцеленија за болните, одбрана против демоните, прибежиште за оние кои прибегнуваат кон мене. Доближете се со вера, луѓе, и ќе добиете благодат во потоци “ (Hom. оn Dorm. II, 17). Имајќи го сето ова на ум, ќе го искористиме паралелниот стих од погоре спомнатиот Акатист, кој вели: „Радувај се, мосту што ги пренесуваш на небото оние што се на земјата“, при што, се разбира, тој „мост“ е Пресвета Богородица. Тоа од причина што нејзиното блажено успение и пренесувањето на небото ја отвора „вратата небесна“ и за нас. Во еден стих од Вечерната служба за Успение се вели: „Радувајте се, родени на земјата!“, зашто за вас е овој настан, како што за вас беше и Воплотувањето на Спасителот, Неговата смрт, Воскресение и Вознесение. За вас е, „родени на земјата“ (т.е. сите луѓе) и блаженото Успение на Богородица, нејзиното воскресение и пренесувањето на небото. За вас е наменета таа судбина. Тоа е Божјиот план за луѓето - вели презвитер Калпаковски.
Секогаш кога ќе излегувате од црквата, порачува, подигнете ги очите над западната врата на храмот. Таму, нагласува, ќе ја видите претставата на Успението на Пресвета Богородица. Ќе ја видите Мајката на Животот, со нејзиното тело легнато на одарот, апостолите и другите околу неа како ја оплакуваат и величаат, Самиот Господ Исус Христос, нејзинит Син, како стои над нејзиното тело и во рацете ја држи чистата душа на Марија, претставена како бебенце завиткано во бебешки повои, ангелите околу Христа Бога, зачудени од глетката.
- Погледнете и сетете се дека блаженото успение е наменето за сите нас, кои треба со чистота на душата и телото да го дочекаме секој својот земен крај, дека и нашата душа треба да се стреми да биде како чисто бебенце, слична на душата на Марија, зашто Господ има подготвено многу живеалишта на небото и го остава небото отворено... за сите нас.., вели презвитер Игор Калпаковски.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп му објави војна на „одвратниот монопол“ на американските преработувачи на храна
-

ЦУК: Осум активни пожари, три под контрола
-

Работник на телекомуникациска компанија паднал од бандера и починал во Елшани
-

Приведена 23-годишна жена во Македонска Каменица – ја нападнала свекрвата, па фрлила нож кон свекорот
-

Венецуелка нападната во апартман во Скопје, напаѓачот ѝ одзел два телефона
-

Песков: Преговорите со Украина во моментот се на пауза
-

Хуманитарна помош од два милиона евра од ЕУ за Непал
-

Нов рекорд за меѓународниот аеродром во Тирана, над 60.000 патници за еден ден
