Утре е изборот на Алиу за министер за здравство
Азир Алиу кој од крилото на Таравари остана во Вреди утре очекува да стане министер за здравство. Ова ќе биде втор министерски мандат на Алиу, но во ресор во кој досега не работел. Тој беше министер во владата на Ковачевски од редот на Алијансата во ресорот на дигитално општество и администрација бидејќи е професор по информатички науки.
За власта тоа што Алиу доаѓа од друг сектор, кој воопшто не е поврзан со здравство, не е пречка, туку предност бидејќи очекуваат од него добра реорганизација и менаџирање.
Од опозициската СДСМ не го коментираат лично Алиу, но велат дека ресорот здравство е еден од најзапоставените од оваа влада.
Вреди го предложи Алиу за министер откако по расколот со Таравари тој реши да ја напушти матичната партија и да остане во албанската владејачка коалиција.
Алиу сличен чекор направи и во почетокот на 2024 година, но тогаш заедно со Таравари го напуштија Села и владината коалиција, по што беше разрешен од министерската позиција. Тој тогаш доби високи партиски фунцкии во крилото на екс министерот за здравство, а беше и еден од преговарачите на Вреди со ВМРО-ДПМНЕ за формирање на новата владина коалиција. Овој пат, Алиу го напушта Таравари.
На собраниска седница утре е и изборот на заменик министер за земјоделие, второто испразнето место кое припаѓаше на Алијанса. За ова место се предлага Албрим Хоџа, поранешен новинар, но кој имал и искуство во ИПАРД проекти за земјоделие.
Според деловничките правила дебата за секој од новите членови на владиниот кабинет трае најмногу еден, а гласањето најдоцна треба да биде до полноќ.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар