Утре нова средба за законот за обвинителство, можен ли е договор?
Работните групи на власта и опозицијата утре во нов обид да изнајдат решение за законот за обвинителство откако изминативе два дена ги слушаа мислењата на стручната јавност за последната верзија на законот за обвинителство. Иако двете страни се задоволни од јавната расправа, секоја од нив различно толкува дали експертите ги поддржале аргументите на власта или пак, на опозицијата.
Од владејачката СДСМ се оптимисти дека компромис по законот може да има, но и дека се поверојатно е дека ќе се обезбедат 80 пратеници и без ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека јавната расправа ги потврдила нивните забелешки околу статусот на обвинителството за организиран криминал и корупција и за изборот на јавен обвинител.
Техничкиот премиер Спасовски смета дека по расправата можно е да се дојде до квалитетно законско решение кое би било изгласано пред распуштањето на парламентот.
Од друга страна, пак, собранискиот спикер Џафери вели дека нема да ризикува да го стави законот на седница доколку нема усогласеност меѓу партиите, но вели дека доколку има согласност работата би одела брзо.
Тој вели дека слично ќе се однесува и со законот за одбрана за кој не постои усогласеност, но и вели дека законот не реален услов за НАТО. Од друга страна, останува на планот на 11 февруари да се донесе ратификацијата за членство во Алијансата. На седницата ќе присуствуваат сите претседатели на парламентите од регионот, дипломати, но и лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
