Вандализам во ООУ “Ванчо Прќе” во Штип - наставата во прекин поради уништениот инвентар
Демолирани училници, уништени компјутери и технички апарати, откорнати кабли, на таблите и ѕидовите испишани пораки со недолична содржина. Ова е сликата од ОУ “Ванчо Прќе” во Штип по синоќешниот вандалскиот чин. Според одговорните во училиштето се работи за еден маскиран сторител кој влегол од кај спортската сала пред полноќ. Со спреј се обидел да уништи и една од камерите за видео надзор, но сето тоа било снимено.
-Штетата е нанесена во делот од предметна настава, во поголемиот дел од кабинетите. Штетата е материјална, проценката се уште трае и увидот. Нанесени се содржини со спреј на ѕидовите, на клупите, смарт табли, на таблите во училниците. Се работи за голема материјална штета, изјави Кокан Радев,директор на ООУ “Ванчо Прќе”, Штип.
Поради направената штета денеска немаше настава во основното училиште. Директорот се надева дека до понеделник ќе направат услови децата да се вратат во клупите.
-Училиштето ќе направи сѐ штетите да ги санира и в понеделник наставата да продолжи“, вели Радев.
Од МВР информираат дека случајот кај нив бил пријавен утринава во 6.18 минути. Извршен е увид и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
