Велигденско послание на г.г. Стефан: Со нашата вера и со богоугодни дела да го озариме светот со велигденска радост

Поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, архиепископоот охридски и македонски, г.г. Стефан, и членовите на Светиот архијерејски синод, упатија пасхално послание по повод велигденските празнувања:
Возљубени празникољупци,
Еве, и оваа година милостивиот Бог нè удостои да го дочекаме празникот над празниците - Велигден! Исполнети со веселие, кое извира од серадосниот восклик „Христос воскресе!“, ја исповедаме целата суштина и смислата на нашата вера, која, како што вели апостолот, ќе беше празна ако Христос не воскреснеше.[2] По тагата од Неговите страдања на Голгота, еве, ја примаме спасителната благодат од Неговото воскресение и од љубовта со која нè исполнува Неговата порака: Радувајте се![3]
Оваа победа на животот над смртта, овој разгорен ога, кој го проголта гревот, и оваа светлин,а која темнината на адот не може да ја опфати, не ни се дарувани само нам, кои сме крстени во името на воскреснатиот Господ - кoj e коренот на нашата вера, туку за целото човештво и за сиот свет.[4] Во оваа свештена велигденска радост ние христијаните имаме голема одговорност бидејќи сме должни да ја сведочиме победоносната вест за воскресението за и другитe да ја чујат, видат и познаат, па да поверуваат и да влезат во радоста на Христа воскреснатиот. Па, така, и тие, заедно со нас и со сите созданија да ги прослават радоста и правдата на Царството Божјо, кое во воскреснатиот Спасител не ќе има крај.
Возљубени чеда во Христа воскреснатиот,
Одново и одново се поздравуваме воскликнувајќи: Христос воскресна! - Навистина воскресна! Ова е поздрав на животот што Бог ни го подари не само преку тајната на Неговото воскресение и преку победата над гревот и смртта, туку и преку радоста на овој настан што ни ја дарува со неизмерливото смирение, со примерот на своето снисходење, простување и пожртвуваност за секој човек и за секое создание. Со Неговото доброволно вкусување на смртта, пак, ни ја покажа Неговата неизмерна љубов, со која чинот на скончанието во овој свет стана врата низ која сите минуваме за да преминеме и да влеземе во бесконечната радост на воскресението и животот во идниот век.
Возљубени во Господа,
Дојдете и видете[5] ја оваа живоносна велигденска радост во Христа Богочовекот, кој доаѓа и ни се дава во Неговото славно и победоносно присуство. Тој доаѓа и ни се дарува во светите тајни и во молитвите, за и ние, растејќи во Него, да достигнеме воскресенска вера, та пазејќи ги Неговите заповеди, да се удостоиме да влеземе во Неговата радост. Живеејќи таков живот, пак, можеме да го посведочиме она што повеќе од два милениума се потврдува: дека Христос е жив и дека и ние сме живи во Него. Затоа Велигден е серадосно сретение со оној во кого нашето срце се успокојува.
Возљубени црквољупци и родољупци,
Нашиот богољубив народ отсекогаш живеел со воскресенската надеж. Маките и неправдите од овој свет секогаш ги поднесувал утешувајќи се со споменот за Велигден, а во победата Христова ја гледал Божјата правда на Царството небесно, кое ќе дојде во слава. Како христоносен народ, по целата македонска земја, секогаш сме ја љубеле воскресенската убава вера, која го прославува Велигден не само еднаш годишно, туку постојано - секоја недела. Повикот на псалмопејачот: Ова е денот што го создаде Господ; да се зарадуваме и да се развеселиме во него[6] бил повик и за нашиот верен народ да се црквува и во секојнеделното воскресение да празнува примајќи го Христа и поучувајќи се да живее богољубиво и човекољубиво.
И не само оние наши црквољубиви и родољубиви предци, за кои имаме жив спомен од фреските, иконите и житијата, туку и оние за што дознаваме од песните и преданијата на нашиот македонски народ, ни се доказ дека нашите претходници од воскресенската вера не се откажувале ни по цена на страдања бидејќи биле утврдени во вистината за воскресението Христово. Нивниот крстоносен начин на живеење, исполнет со воскресенска радост во живиот Бог - нам, на нивното потомство - ни остана светол пример како се исповеда и како се брани темелот на православната вера - Христовото воскресение.
Возљубени чеда на Македонската црква,
Ова лето Господово, во кое повторно преку благодатта Божја ни е даден вечноживиот дар за прославување на Велигден, ќе одбележиме и годишнини од нашето минато, кои, како во татковината така и насекаде до каде што нè има како народ, ќе ни овозможат повторно да го оживееме споменот за тие светли настани од нашата црковна и национална историја. Така, во оваа година се навршуваат 1.140 години од враќањето во Македонија на светите Климент и Наум од Моравската мисија, со што се организирал црковно-литургискиот живот на Охридската црква и се поставиле темелите на Охридската книжевна школа. Годинава се навршуваат и 1.110 години од блаженото упокојување на свети Климент Охридски, патронот на нашата света црква, кој во радоста на вечниот живот е наш постојан молитвеник и закрилник. Се навршуваат и 150 години од Разловечкото востание, како и 80 години од донесувањето на првиот Устав на НР Македонија, со кој се потврди возобновената македонска државност. Еве, овие незаборавни настани, врежани во нашата црковно-национална самосвест, нека ни бидат поттик за да го чуваме споменот за нашите достојни претшественици, кои се вградиле во основата и во обновата на нашата татковина Македонија и на нашата Македонска црква. Но тие нека ни бидат и порака да ги сочуваме придобивките што ни ги оставиле, а потоа и да ги надградуваме давајќи нови плодови.
Светлината на Христа воскреснатиот нека нè просвети, та со нашата вера и со богоугодни дела да го озариме светот со велигденска радост, па во братољубие, оттука, па до сите краишта на светот, до каде што нè има како народ и како Црква, да објавиме на нашиот мајчин македонски јазик:
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
† СТЕФАН,
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
заедно со членовите на Светиот архијерејски синод
на Македонската православна црква - Охридска архиепископија
† ПЕТАР, митрополит преспанско-пелагониски
† НАУМ, митрополит струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† ЈОВАН, митрополит крушевско-демирхисарски
† МЕТОДИЈ, митрополит американско-канадски
† ПИМЕН, митрополит европски
† ИЛАРИОН, митрополит брегалнички
† ЈОСИФ, митрополит тетовско-гостиварски
† ГРИГОРИЈ, митрополит кумановско-осоговски
† ГЕОРГИЈ, митрополит дебарско-кичевски
† НИКОЛА, митрополит австралиско-новозеландски
† ЈОАКИМ, епископ дељадровско-илинденски
† МАРКО, епископ делчевско-каменички
Велигден, 2026.
МИА
Ново на Сител
-

Променливо облачно време со сончеви периоди за празниците
-

ПМФЛ: Дербито во Битола без голови
-

Собранието изгласа, возачите со „Б“ категорија ќе возат и мотоцикли до 125 кубика
-

Захарова: Не е вистина дека руските и иранските хакери се здружиле
-

Отворен конкурсот за стипендија по моден дизајн „Фросина Кулакова“ за 2026 година
-

Арагчи: САД треба да изберат дали сакаат прекин на огнот или продолжување на војната преку Израел
-

Пезешкијан го осуди кршењето на примирјето меѓу Иран и САД
-

Приведени тројца скопјани барани со потерница
