Македонија
30. July 2025 - 16:36

Висар Ганиу најави тужби за Данела Арсовска – Изет Меџити не кажа во која општина живее

Актуелниот градоначалник на Чаир најави тужби за Данела Арсовска. Висар Ганиу тврди дека градоначалничката на Скопје лаже за дивоградбите во неговата општина и одработувала за ДУИ со цел дискредитација на неговото име пред локалните избори. Таа пак пред неколку дена преку објава на Фејсбук побара тој да биде уапсен. Претходно и во обвинителството достави документацијата и докази за кои тврди дека укажуваат за дивоградби во Чаир.

- Мојот адвокат подготвува тужби. 150 згради дивоградби се невистина, 50 темели е друга лаж. Мегафонот на ДУИ сега е стишана зошто сега друго име се спомнува за градоначалник и целта и беше моја дискредитација, изјави Висар Ганиу, градоначалник на Чаир.

После препукувањата помеѓу Данела Арсовска и Висар Ганиу, се погласно почна да се зборува дека актуелниот вицепремиер и поранешен градоначалник Изет Меџити ќе биде кандидатот за “Вреди” за Чаир за да му конкурира на Бујар Османи од ДУИ.

Но, вчера излегоа информации дека Меџити живее во Бутел. Тоа може да се види и на избирачкиот избирачкиот список според кој гласа во ОУ “Панајот Ѓиновски”. Неговото име и презиме го нема на избирачкиот список во Чаир. Тој денеска не одговори во која општина е со адреса на живеење.

- За вас ќе може прашање г-дине Меџити? Каде живеете, имаше некои информации?

- Многу топло е, не чекаат семејствата, рече Меџити.

- Дали сте во општина Бутел?

- Во друга прилика ќе одговорам, рече Меџити.

Според изборниот закон право да биде избран за градоначалник има секој граѓанин на Македонија кој има право на глас и живее на територијата на соодветната општина.