Виткоф му одговара на Хамас дека нивните барања се „целосно неприфатливи“
Американскиот пратеник за Блискиот Исток синоќа изјави дека барањата на Хамас за дополнување и измена на предлогот за привремен прекин на огнот со Израел во Појасот Газа се „тотално неприфатливи“.
Предлогот на специјалниот пратеник на Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, подразбира 60-дневно примирје и ослободување на 28 од 58-те заложници што сè уште се држат во Газа, во замена за ослободување на 1.200 Палестинци од израелските затвори и непречен проток на хуманитарна помош до енклавата.
Палестинската исламистичка група претходно изјави дека е подготвена да ослободи 10 живи заложници и 18 мртви во замена за ослободување на голем број Палестинци од израелските затвори, а исто така бара и крај на војната и повлекување на израелските трупи од енклавата, услови што Израел ги отфрла.
Хамас објави дека нивниот одговор на предлогот „има за цел постигнување траен прекин на огнот, целосно повлекување од Појасот Газа и обезбедување на проток на хуманитарна помош за нашите луѓе во Појасот“.
Потврдувајќи дека го добил одговорот од Хамас, Виткоф објави на X: „Тоа е целосно неприфатливо и само нè враќа назад“.
„Хамас треба да го прифати рамковниот предлог како основа за итни преговори што можеме да ги започнеме веднаш, во текот на следната недела“, напиша Виткоф.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека Хамас сè уште го отфрла предлогот на претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток за прекин на огнот во Газа. Израел ќе ги продолжи своите операции во Газа со цел да ги врати заложниците и да го порази Хамас, рече Нетанјаху.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, вчера на X објави дека Хамас е одговорен за продолжувањето на војната во Газа, бидејќи одбива да ослободи заложници и да се разоружа.
Палестински функционер запознаен со разговорите изјави дека Хамас бара, меѓу другото, ослободување на заложниците во три фази за време на двомесечното примирје и дистрибуција на помош во различни делови од енклавата.
Ново на Сител
-
Два аеродрома во Москва затворени по украински напад со дронови
-
Штипјанец лишен од слобода, возел под дејство на алкохол
-
Од утре пад на температурите за три до пет степени со услови за пороен дожд и грмежи
-
Сиљановска-Давкова ќе учествува на третата Конференција на ОН за океанот во Ница
-
Препораки на ИЈЗ за заштита од високите температури
-
Еурофарм Пелистер го победи Вардар и ја одбрани шампионската титула
-
Се одложува отворањето на новите реновирани Управни служби на МВР во зградата на МТВ
-
На граничните премини нема подолги задржувања