Владата ќе бара решение за да не пораснат функционерските плати
Владата ќе бара решение како да не пораснат функционерските плати. Премиерот Мицкоски вели допрва ќе се дискутира на кој начин ќе се запре растот.
- „Да не бидат зголемени платите на функционерите, нешто коешто го ветивме, а да бидат зголемени платите на вработените и во администрацијата и во одредени сектори. Ќе разговараме внатре во рамките на Владата, да видиме дали ќе биде тоа со намалување на коефициентите, важно е да нема зголемување, каков ќе биде принципот ќе видиме“
За да не пораснат платите на функционерите треба Владата повторно да му предложи на Собранието да се скратат коефициентите за пресметка или да се донесе нов системски закон за платите во јавниот сектор.
Ако не се преземе ништо, следната година функционерите на своите сметки ќе добијат од 130 до 330 евра плус, зависно од позицијата.
Се работи за над илјада избрани и именувани лица како што се претседателот, пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, градоначалниците...
Опозицијата, пак, и денеска побара зголемување на минималната плата на 450 евра.
- „Наместо да манипулира со лажни ветувања и со лажни кампањи, Мицкоски треба да се охрабри и да ги продолжи добрите политики на СДСМ. Јасно е дека нема економски концепт и дека со неговите политики сите осиромашуваат. Време е да признае дека вака веќе не може и да го прифати предлогот за зголемување на минималната плата. Ова е решение кое ќе донесе бенефит за сите работници, ќе ја зголеми минималната плата, а со тоа и просечната плата. Секое семејство ќе има повеќе пари“
Премиерот возврати – целта на Владата е да се зголеми вредноста на платите.
„Нашиот пристап како Влада се темели на стимулирање на инвестиции коишто ќе ја зголемат продуктивноста, а со зголемената продуктивност ќе има поголемо производство, а со поголемо производство ќе има поголем бруто домашен производ. Тоа е филозофијата на оваа Влада. Не е филозофијата на оваа Влада да ги зголеми платите 10%, а да ја качи инфлацијата 20% и практично платите да бидат безвредни. Нашата интенција е да ги зголемиме платите 10%, а инфлацијата да остане 2%, односно да бидат вредни тие плати кои ги добиваат работниците“
Во моментов минималната плата изнесува 22.500 денари, а следното зголемување законски треба да се случи во март догодина.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
