Македонија
30. December 2025 - 16:32

Власта и опозицијата продолжуваат со меѓусебни обвинувања за лицемерие, луксуз и криминал

Партиските препукувања меѓу власта и опозицијата продолжуваат со меѓусебни обвинувања за лицемерие, луксуз и криминал.

ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека додека јавно говори за сиромаштија и ниски плати, празниците ги минува во луксузни дестинации како Дубаи. Од партијата велат дека на опозицијата не им сметаат недвижностите на Филипче и Заев по Дубаи, само ги интересира власта. Ја прашаа и опозицијата дали новата година ќе ја слават по дубајско време како и нивниот лидер.

Од опозициската партија, пак, возвраќаат дека станува збор за целосна измислица и таблоидна офанзива со цел да се дефокусира јавноста од, како што велат, криминални тендери и договори на власта. Нема ниту една фотографија од Дубаи, а тоа ги потврдува лагите на власта, реагираат од СДСМ.

„Целта е ДЕФОКУС од криминалните тендери на ВМРО и договорот мигранти за пари. Јавноста се бомбардира со измислици за Дубаи, визи, згради и летови што не постојат. Го следат претседателот Филипче, ги злоупотребуваат службите, но не објвавуваат слики од Дубаи? Зошто нема ниту една слика од Дубаи? Затоа што ги нема“, стои во реакцијата.

Опозициската СДСМ ја продолжува битката и со ЗНАМ и обвинувањата за тендерот од 1,2 милиони евра од Пошта за фирма на советник на ЗНАМ. Од Бихаќка велат дека постојат основани сомнежи дека над 300.000 евра годишно, пари на граѓаните, се вадат преку корупциски шеми. Го повикуваат обвинителството наместо молк да го расчисти скандалот.

Му вратија и на Јован Деспотовски, откако тој ги отфрли обвинувањата на матичната партија СДСМ дека е во тајна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за напади и уривање на СДСМ.

„Додека ние ги разоткриваме криминалните шеми на ВМРО-ЗНАМ, тој со нив прави договор против СДСМ Деспотовски прави дил со оние што сакаат да ја срушат СДСМ, повторно заради личен интерес.Човек кој во партијата никогаш не бил активен, кој за партијата и за партиските другари практично не постоел“, реагираат од СДСМ.