ВМРО-ДПМНЕ бара нова експертска Комисија за заштита од заразни болести, МЗ тврди дека и актуелната била транспарентна
Нова Комисија за заразни болести во која ќе биде вклучена целата здравствена и експертска фела бараат од опозицијата. Од комисијата за здравство на ВМРО ДПМНЕ сметаат дека итно е потребно да се преземат мерки и конкретни активности во пресрет на новиот т.н 5-ти бран на Ковид бидејќи бројките на новозаразени повторно растат.
-Малку е зачудувачки што во моментот кај нас се случува една тишина и на таа тишина мора да и се одговори. Зачудува што се е разлабавено, зошто имаме мерки за кои никој не следи и не контролира дали се спроведуваат, зошто имаме и се навикнавме на некои сертификати кои некој ги пшроверува ради реда и не знаеме дали се преземаат мерки за забрзување на процесот на вакцинација, изјави Д-р Игор Николов, претседател на Комсијата за здравство на ВМРО ДПМНЕ.
Од Здравствената комисија на опозициската партија прашуваат и дали е подготвен здравствениот систем за нов наплив на пациенти.
-Сведоци сме дека во овој период оние т.н модуларни болници се исклучени од ситемот, кои ќе се вклучат повторно, дали ќе се вклучат, дали се проверени, кој ќе ги носи одлуките , се тоа треба да биде разјаснето и расчистено. Во моментот тишината доаѓа од Комизијата за заразни болести и од Министерството за здравство, изјави Д-р Николов.
Од Министерството за здравство одговорија дека за време на целата пандемија биле транспарентни со дневни и неделни извештаи и навремено ја информирале јавноста во изминатите 4 години, нешто што не било пракса пред мандатот на Филипче.
-Комисијата за заразни болести ја формира министер за здравство. Истата заседава редовно и врз основа на епидемиолошката состојба носи стручни одлуки за предлог за опуштање или засилување на мерките. Министерството за здравство од самиот почеток на пандемијата активно, пожртвувано и транспарентно ги соопштува сите информации поврзани со Ковид-19, тврдат од здравство.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
