ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа „лајт-членство“ во ЕУ
За ВМРО ДПМНЕ не постои замена за полноправното членство на Македонија во ЕУ. Предлогот на францускиот претседател Макрон за формирање на нова унија која ќе биде супститут на ЕУ, за опозицискиот лидер Христијан Мицкоски е неприфатлив. Според него вистинското решени е Брисел, ЕУ и политичарите таму да се обединат и да ѝ го испорачаат на Македонија тоа што ѝ е ветувано и конечно да добие датум за почеток на преговорите.
„Сега на овој јунски состанок на Европскиот совет да се обединат исто како што се обединија околу случувањата во Украина и руската агресија, да се обединат овој пат околу Македонија и бугарската агресија и конечно на Македонија да и се даде датум за да ги почне преговорите. Потоа нормално како ние понатаму и колку бргу ќе го одиме тој пат зависи од нас и од нашите компетенции, од нашите вештини и од нашата амбиција колку побргу да го изодиме тој пат. Така што за мене замена за членство во ЕУ не постои“ рече Христијан Мицкоски - претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
За разлика од Мицкоски, од владата предлогот на Макрон го оценија како одлична можност за обединување на земјите кои не успеале да влезат во блокот или не сакале во одреден момент, со оглед на новонастанатата геополитичка ситуација.
Предлогот на Макрон предизвика голема дебата и различни реакции и во Европа. Додека дел од европските експерти сметаат дека Макрон отворил важна дебата за реалистичен и разумен предлог за кој треба да се разговара за алтернативи на полноправното членство во унијата кое и онака нема да се случи во блиска иднина, за други ЕУ мора да си го одржи ветувањето кон земјите од Западниот Балкан .Според дел од европските експерти не смее да им се одзема перспективата за полноправно членство бидејќи тие сакаат да бидат дел од европската заедница на вредности, а не да се измачуваат со нови договори за асоцијација.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар