Македонија
10. October 2021 - 16:34

Во ИК Штип се пријавиле 145 болни и изнемоштени

До синоќа на полноќ, кога беше и крајниот рок за пријавување, 145 болни изнемоштени лица поднеле барање до ОИК во Штип за гласање во домашни услови на претсојнитѕе локални избори. ОИК заедно со лекар специјалист ќе ја разгледа поднесената лекарска документација за да утврди дали пријавените лица ги исполнуваат условите.

-Моментално како база на податоци ја обработуваме и седницата на ОИК ќе биде на 12-ти, во 10 часот, каде ќе ги разгледуваме сите пристигнати барања-изјави Виктор Вацев, претседател на ОИК Штип.

Во сабота, пред изборниот ден, по посебни здравствени протоколи, ќе гласаат и Ковид позитивните и лицата во изолација кои ќе се пријават до утре на полноќ.

-ДИК ги формира тимовите. Тие тимови се составени од тројца медицински работници, а политичките партии имаат право да предлагаат членови и заменици во тие избирачки одбори- додаде Вацев

Новина на овие избори се уредите за биометриска идентификација на гласачите, кои заедно со доверливиот избирачки материјал ќе пристигнат 72 часа пред изборите.

-ОИК ги добива запечатени, со посебни сериски броеви и нема право да ги отвара таквите читачи (на отисок на прст) и со посебен записник ги предава на претстедателите на избирачките одбори- изјави Вацев

Во Штип на избирачкиот список се евидентирани 42 045 граѓани, кои гласачкото право ќе можат да го искористат на 77 избирачки места.