Во Кочани најава за секојдневни протести протв загаденоста на воздухот
Секојдневни двочасовни протести пред фабриката за хартија „Пејпер мил“ во Кочани, договори иницијативната група граѓани за трајно решавање на проблемот со аерозагадувањето во градот. На следната наредна седница на Советот на општината да се отвори јавна дебата и да се соберат потписи од граѓани кои ќе ја подржат иницијативата фабриката да работи исклучиво на метан.
-Упорно одбиваат надлежните да не сослушаат дека, ние немаме ништо против „Пејпер мил“, но имаме против начинот на кој работат, зашто нивниот профит го остваруваат преку нашето здравје, изјави Жаклина Филипова, иницијатива „За чист воздух“.
На почетокот, во „Пејпер мил“ како погонско гориво користеле метан и воопшто и не се забележувало дека фабриката работи.
-Проблемите почнаа кога тие, на своја рака, го заменија типот на гориво кој што им е дозволен и очигледно со покровителство, бидејќи ова трае веќе со години, продолжуваат да работат надвор од тоа што е пропишано со нивната лиценца, додаде Филипова.
За да се документира аерозагадувањето, ќе бидат организирани граѓански патроли, кои во периодите кога најмногу чади од фабричкиот оџак, ќе фотографираат, снимаат и ќе објавуваат на социјалните мрежи.
-Наутро црн чад излегува и по 50 – 100 метри нагоре. Значи, тоа е нешто страшно за гледање, изјави Симеон Данев, жител на Кочани.
За 5-ти март е закажан масовен протест, кој ќе има за цел, да ја анимира пошироката јавност за сериозноста на состојбата со аерозагадувањето.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар