Во Лисабон се преврте стар трамвај кој бил туристичка атракција, има 15 загинати и 18 повредени
Најмалку 15 лица загинаа, а 18 се повредени откако излета од шините фуникуларот „Глорија“ во Лисабон, соопшти портпарол на службите за итна помош.
Фуникуларот е железничка жичница што се движи по стрмнина со помош на кабел и претставува една од најпознатите туристички атракции во португалската престолнина. Линијата „Глорија“ е отворена во 1885 година и го поврзува плоштадот „Рестаурадореш“ во центарот на Лисабон со квартот „Барио Алто“, познат по ноќните клубови и кафулиња, сместен на еден од лисабонските ридови.
Властите засега не ги соопштија идентитетите и националностите на жртвите, но потврдија дека меѓу нив има и странци.
Според првичните информации, дошло до кинење на еден од каблите на возилото, по што тоа се забрзало надолу по стрмнината, излегло од шините и удрило во куќа.
Претседателот на Португалија, Марсело Ребело де Соуза, изрази сочувство до семејствата на жртвите.
-Ова е трагичен ден за нашиот град. Лисабон тагува, ова е навистина трагичен инцидент, изјави градоначалникот на Лисабон, Карлош Моедаш.
Возило имало капацитет од околу 40 патници. Несреќата се случила во 18:05 часот по локално време, во близина на булеварот „Либердаде“.
Очевидка за локална телевизија изјави дека возилото се движело со голема брзина по наклонот. - Удри во зградата со огромна сила и се распадна како кутија од картон, немаше никакво сопирање, раскажа таа.
Според Националниот институт за споменици, на фуникуларот му се врши темелна техничка проверка на секои четири години. Градската транспортна компанија увери дека сите протоколи за одржување биле почитувани.
Португалската Влада прогласи Ден на национална жалост по трагедијата. Причините за несреќата се уште се испитуваат.
Фуникуларите во Лисабон, меѓу кои се и „Бика“ и „Лавра“, како и панорамскиот лифт „Санта Жуста“, се препознатливи по жолтата боја слична на лисабонските трамваи и претставуваат голема атракција за туристите.
МИА
Ново на Сител
-
Прекин на услугите на Google предизвика проблеми за корисниците
-
Тони домати и праски од Албанија блокирани во Хрватска, содржеле пестициди и никел
-
Делегација на Венецијанската комисија на разговори во Уставниот суд
-
Трамп: Ќе продолжам да се борам за мир во Украина
-
Вработен во Агенција за храна и ветеринарство не се појавувал на работа а примал плата, четворица надлежни го дозволиле тоа
-
ВМРО-ДПМНЕ предложи уште 16 кандидати за градоначалници
-
ЦУК: Пожарот на Кожуф ставен под контрола, 22 изгаснати изминатото деноноќие
-
Администрацијата на Трамп незаконски го запрела финансирањето на Харвард