Македонија
10. July 2025 - 10:21

Во мирување одлуката за штрајк на контролорите на летање

Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛМ ја стави во мирување одлуката за  штрајк што требаше да се реализира денеска, потврди за МИА претседателот на ССКЛМ Александар Тасевски.

- Тоа што го баравме се придвижuва, одобрено е барањето за вработувања на контролорите и за спроведување на функционалната анализа која ќе определи кои се работни места и број на извршители треба да постојат, изјави Тасевски.

Сепак,  најавува дека ќе го оспорат последниот конкурс за вработување за кој веќе реагираа во предупредувањето за штрајкот. 

- Не застануваме тука ќе продолжиме да бараме професинализам. Има неправилности и во последиот конкурс, ние повторно дадовме шанса, но очигледно УО нема намера да застане, вели Тасевски.

ССКЛМ преку известување до раководството на М-НАВ  на 16. минатиот месец побара да го поништи последниот оглас за нови вработувања и да ги испочитува обврските од минатогодишната Спогодба која беше основа за ставање во мирување на тогашната одлука за штрајк. Повикаа да се пристапи кон итна реализација на неисполнетите точки од Спогодбата најдоцна до крајот на јуни, а во спротивно најавија реактивирање на штрајкот денеска.

Синдикатот и во известувањето реагираше последниот оглас за нови вработувања  во М-НАВ, за кои оцени дека „не одговараат на реалните, итни и суштински потреби на компанијата“. Побара поништување на огласот, а евентуалното пополнување на работните позиции да се изврши  преку прераспоредување на постоечки вработени во М-НАВ преку интерен оглас или со додавање на работни задачи на недоволно ангажирани  вработени како и одделенски  реорганизации и рационално прераспоредување на постојниот кадар. 

Раководството на АД во државна сопственост за услуги во воздухопловна навигација М-НАВ, пак, пред три дена преку соопштение објави дека презема чекори за доекипирање со кадри, имплементација на нови технологии, замена на старата опрема и реорганизација.

Според М-НАВ, со планираните огласи за вработување, ќе се вработат лица, како замена на колеги кои се веќе заминати во пензија или ќе го остварат своето пензионерско право во текот на наредните неколу месеци, генерациски смени и други причини.

Како што посочија, се прават огромни напори да се стабилизира компанијата која со години била предмет на несериозно и неодговорно раководење.

- Се преземаат чекори за доекипирање со кадри, имплементација на нови технологии, замена на старата опрема и реорганизација. Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје, во координација со Владата на Република Северна Македонија, во  текот на 2025 година доби согласност од Министерството за финансии за вработување на високо стручен кадар специјализиран за потреби на давање воздухопловно навигациски услуги.  Ќе се вработуваат високо образовани и стручни кадри  од следните профили: четири метеоролози–прогностичари, еден метео набљудувач и еден инженер за сајбер безбедност. Дополнително заради зголемен обем на работа во Секторот за воздухопловна навигација и планирани генерациски смени во одделението за Обласна контрола на летање, М-НАВ ад Скопје ќе вработи и школува шест контролори на летање во некој од Европските центри за школување на ваков кадар кој ќе биде избран на тендер, информираше -М-НАВ.

Според раководството,  има резултати од реорганизацијата и промената во пристапот на менаџирање со кадрите, а во првата половина од годината остварени се позитивни резултати со зголемување на бројот на прелети над македонското небо за над 12 проценти. За шест месеци се реализирани 133 474 летови за разлика од истиот период лани кога се реализирале 119 972 летови вклучувајќи ги и летовите до и од Скопје и Охрид.