Во Струмица ќе се фотографираат непрописно паркираните возила
Струмичката полиција воведе нов начин на решавање на проблемот со несовесните возачи кои паркираат на недозволени места. Секое возило кое ќе биде затекнато на површина што не е предвидена за паркирање ќе биде фотографирано без притоа да има потреба полициските службеници да интервенираат и да бараат документација од сопственикот на возилото. Од полицијата велат дека ова бил само еден од начините да се стави ред во сообраќајниот хаос посебно во централното подрачје каде најчесто се регистрираат вакви случаи.
За овој нов начин на работа веќе биле запознати и граѓаните преку серијата едукативно превентивни активности кои биле реализирани во минатиот период.
Новиот начин на санкционирање на непрописно паркираните возила полицијата во Струмица го применува околу три месеци. Во тој период биле констатирани близу 140 такви прекршоци за кои се изречени и соодветни санкции.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар