Македонија
21. November 2025 - 16:39

Во здравството во Македонија работат 32.383 лица – Има повеќе од двојно гинеколози од анестезиолози

Во Македонија има повеќе од двојно гинеколози од анестезиолози 344 наспрема 154, во државата работат 284 педијатри, а имаме само 37 онколози и 30 патолози. Анализата на министерството за здравство покажа драстични разлики во некои специјалности. Според министерот Азир Алиу ова е основа како во иднина треба да се даваат специјализациите – по потреба, а не по желби и финансиска исплатливост. 

- Според овие анализи ќе знаеме и ќе бараме од Министерство за образование и наука да се отвораат толку слободни капацитети во средно и високо образование за да можеме после тие да ги вклопиме според нашите барања компарирани со европските стандарди. Триесет години Министерството за здравство немаше матрица на вработени и класифицирани на ниво на институција, не само на ниво на град, рече Азир Алиу, министер за здравство.

Според анализите на министерството во 3779 јавни и приватни здравствени установи во Македонија работат 32.383 лица. Од нив во државите болници и клиники има 4746 лекари и 7003 медицински сестри и 6787 останат кадар. Иако има мало зголемување на бројот со нови вработувања, сепак сме далеку од европскиот просек и ни недостигаат речиси двојно повеќе доктори и сестри. Најголем проблем е нерамномерната распределба на кадарот. Затоа министерот со законски измени најавува дистрибуција на човечки капацитети.

- Тоа значи дека ако институција А има пет лекари од областа А, а само тројца се потребни, тогаш двајца ќе треба да одат во институција Б, бидејќи таму има недостиг, рече Алиу.

Од податоците во анализата загрижува и старосната структура на здравствените работници, најмногу има на 60 годишна возраст.

Вакво мапирање во здравството според министерот е направено за прв пат и треба да биде основ за креирање на понатамошни политики за рамномерна покриеност со здравствени услуги во сите места во државата.