Македонија
23. May 2025 - 16:43

Воведени се драстични промени во работата по скандалот на Онкологија, смируваат од клиниката

По скандалот со Онкологија, клиниката се обидува да ја врати нарушената доверба кај пациентите- во атмосфера на неизвесност и страв, отаму апелираат на смиреност кај оние што се лекуваат и нивните блиски, бидејќи на клиниката за Онкологија се воведени драстични промени по скандалозниот случај и велат, се работи макотрпно.

-По тој немил настан се воведоа драстични промени во работата се со цел стандардизирање на третманот на пациентите со воведување на редовни онколошки конзилиуми на кои се одлучува за третманот на пациентите во согласност со современите протоколи кои се усвоени од меѓународните стручни здруженија. Од УК за радиотерапија и онкологија апелираме за смиреност и доверба во персоналот на УК за радиотерапија и онкологија, кој навистина макотрпно работи. Ние сме тука пред се за здравјето на пациентите и нивната благосостојба, информираат од ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија – Скопје.

Пациентите кои се лекуваат на Онкологија закажале средба со Обвинителството следната недела. Сакаат да добијат информации колку истории на пациенти биле разгледувани и кои, бидејќи дел од овие пациенти се лекувале кај обвинетите доктори и уште се лекуваат на Клиниката. Бараат да знаат дали прогресот на болеста е последица на несовесното лекување.

Истрагата за скандалот на Клиниката за онкологија беше иницирана откако јавноста беше потресена од серија медиумски објави што алармираа за сериозни злоупотреби во третманот на пациенти заболени од рак. Државниот завод за ревизија нотираше сериозни пропусти во работењето на клиниката, кои се најдоа во официјалниот ревизорски извештај, кои обвинителите го земаа предвид при истрагата.