Вработените со договор на дело извисија ама новиот министер постави организациски директори на повеќе клиники
Не само што останаа без решенија за трајно вработување, хонорарците во здравството не добиваат ниту нови договори на дело. Откако целата постапка беше стопирана поради распишување на изборите, според информации на Сител на голем дел од овие здравствени работници во повеќе установи им било кажано дека согласностите за нивниот ангажман ќе одат на ревизија. Во меѓувреме нема да добијат ниту денар за овие два месеци, а претходно околу 2000 лица со години работеле за подминимални примања и без здравствено осигурување.
-На моја Клиника можам со име и презиме да кажам има 13 лица со договор на дело. Сега ни дадоа за тројца да може да се продолжи. 10 лица се ни на небо ни на земја. Два месеци немаат плата земено и доаѓаат луѓето да работат, сестри, техничари, болничари..жално е. На секоја клиника има такви луѓе. Човекот во пензија ќе оди. За него треба да се направи и филм, човекот никогаш не е запослен, на договор на дело е 30-тина години. Кај ќе им оди душата на партиски или незнам какви луѓе. Ова е срамота што се случува во здравството, вели д-р Предраг Серафимовски, претседател на синдикат на Клинички.
Инаку во истиот период кога се носи одлуката со која “договорците”извисуваат за решенија, новиот министер за здравство ден по стапувањето на функција назначува организациски директори на повеќе Клиники на кои вакви менаџери немало повеќе од година дена.
Цела недела од кабинетот на Илир Демири не одговараат на прашањата на Сител дали се партиски кадри, какви квалификации имаат, на колку време се назначени, колкави ке бидат нивните месечни примања, зошто беше неопходно нивното назначување непосредно пред распишување на изборите и што ќе работат имајќи во поредвид дека периодов надлежностите им се ограничени.
Во меѓувреме освен вработените со договор на дело, за поголеми плати после изборите ќе чекаат и сите здравствени работници бидејќи не се потпиша анексот на колективниот договор за да може од март со зголемување на минималната плата да има покачување и на лекарите, сестрите и останатиот средно медицински кадар.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар