Вработените во Царина се заканија со затворање на границите ако не добијат повисоки плати
Повисоки плати или затворени граници. Во петок на предупредувачки протест излегуваат и вработените од Царина Бараат за 30% зголемување на платите, како и исплата на додатокот на плата кој им следува.
Велат дека платите со години тапкаат во место, а додатокот го добиваат само на хартија. Затоа, ако нема слух новиот директор Богоев, рампите на граничите премини ќе останат спуштени.
Во петок од 12 до 12.30 часот ни е најавен протест во Царинската управа. Вработените во Царинската управа, веќе со години наназад имаат право на додаток од 30 отсто, но тие тој додаток не го добиваат, а министерот за финансии си обезбеди 30 отсто покачување на платата во Министерство во финансии и во други институции.
Затоа решивме да направиме предупредувачки протест, да побараме исплата на додаток на плата за вработените во Царинската управа, кои го полнат буџетот со повеќе од 51 отсто секоја година. Знаеме дека има нов директор, чекаме да дојде, чекаме прием, да видиме дали ќе нѐ сослуша. Не се откажуваме од барањето и не нѐ интересира дали има нов или стар директор“, велат од Сојузот на синдикати.
Ниските плати во јавната администрација се проблем, но затоа се работи на системско решение – односно постигнување нов Колективен договор, кој ќе важи за сите, вели министерот за финансии Бесими. Според него, решението не треба да се бара парцијално институција по инстутуција, туку да биде заедничко за сите. Но нема одговор дали договорот би се потпишал оваа или следната година. –
„Ние сме во преговори што се водат во рамки на економско социјалниот дијалог каде што присуствуваат три страни – Владата која во конкретниот случај е и работодавач, потоа синдикатите на работниците во јавниот сектор и Организацијата на работодавачи. Принципиелниот став кој е усогласен е дека се работи на потпишување, усогласување на општ колективен договор, што ќе важи за сите вработени еднакво во јавниот сектор“, рече Бесими..
Зголемување на платите за 30% вчера побараа и вработените во УЈП. Во спротивно и тие се заканија со генерален штрајк. Но министерот им порача дека парцијалното решение нема да го реши проблемот на административците.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
