Вработените во прилепски Еурокомпозит повторно на протести
Вработените во „Еурокомпозит“ повторно стапија во штрајк. Велат дека нема повеќе да се вратат на работните места и да започнуваат со работа со ветување за плата, туку само ако конечно се реши проблемот со фирмата, затоа што се чувствуле изиграни од Владата. За 4 месеци добиле само 17.000 денари плата, а немало ниишто и од ветувањето дека за 3 месеци ќе се реши проблемот со оваа државна компанија.
„Требаше секој месец да земаме плата, а ние зедовме само 7.000 денари и во првиот месец требаше да заминат повеќе 100 вработени како технолошки вишок, а досега нема ниикој ниту заминато, ниту пак е започната таа постапка. Решени сме конечно застаниме, да не подлегнуваме со плати туку до конечно решение да не почнуваме со работа“,истакна Роберт Богданоски, претседател на синдикатот на Еурокомпозит.
Вработените велат дека планираат да одат со шатори пред Влада, но засега немале пари за тоа, најавуваат повторно блокирање на патот Прилеп-Скопје. Директорот пак на компанијата Златко Граороски не сакаше денеска да комуницира со медиумите.
„Да ни се исполнат нашите барања затоа што повеќе нема ефект да работиме. Со 6.000 денари ако може некој да преживее месечно нека повели, нека дојде и нека работи“, кажа Трајко Илиоски, вработен во „Еурокомпозит“.
„10 плати наназад, без штрајк плата не сме зеле. Оваа Влада посе изгледа нема слух. Додека бевме таму се ни ветуваа само да не избркаат. Еве 2 месеци откако бевме во Скопје со шаторите до денеска ама буквално ништо нема помрднато“, вели Цветан Бунтески, вработен во „Еурокомпозит“.
Вработените во „Еурокомпозит“ немаат добиено 17 плати и придонесите не им се платени од јуни 2012 година.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
