Вратени иселенеци на форум во Влада - И Македонија може да биде „ветената земја“
И Македонија може да биде „ветената земја“ – барем за 12 Македонци кои во изминатите 10-тина година решиле да се вратат дома. Во Свечената сала на Владата, пред премиерот Мицкоски и пред Националниот координатор за демографија Ѓорчев, ги кажаа своите приказни зошто одлучиле од Западниот свет да се вратат во Македонија.
Носталгија, семејство, бизнис потенцијал, евтин живот. Ова се дел од причините за од иселеници да станат повратници.
Ана Дукоска е сметководителка која во Соединетите Американски Држави заминала во 2007. 18 години подоцна решила носталгијата ја вратила дома.
- Денес сум повторно дома, не за да бидам товар на државата, туку со цел да бидам ресурс. Работам за американска компанија, но од мојот дом во Македонија. Со странски примања, а со секојдневна потрошувачка и живот тука, сум жив пример дека е можно да се живее дома, а да се работи глобално, вели Дукоска.
Моника и Кристијан Томашевски е брачен пар кој добивањето ќерка ги натерало трајно да слетаат на скопскиот аеродром. Освен куфери, го донеле дома и својот бизнис.
- Дојдовме тука, го префрливме нашиот бизнис тука, работиме на развој и регрутација на лидерски кадри. Работиме во моментов со приватниот сектор, компаниите многу топло го прифаќаат тоа, бидејќи нашето согледување е – таму бевме рамо до рамо со тие лидерски кадри. И увидовме дека ние како Македонци имаме многу голем капацитет, сме многу трудољубиви и сме па можеби за многу работи и подобри, еве јас ќе речам одговорно, од западниот свет, вели Моника Томашевски
Далибор Фрутник не е повратник. Растел, учел и се развивал во Австралија. Последните 12-13 години вели дека редовно доаѓа тука. Тој е еден од авторите на „Мој Термин“, а годинава решил да го напушти Сиднеј и домот да си го пронајде во Македонија.
- Имаме 150 вработени во Македонија, скоро 170 глобално и Македонија ни е европски HQ, целосен HQ за фирмата и да кажам развоен центар. Ние вработуваме генерално практиканти, скоро секој у фирмата е практикант и е израснат до некоја позиција. Ние градиме кариера за нашиот кадар и само растеме, вели Фрутник.
Ниту една територија не може да остане празна, вели премиерот Мицкоски. Демографските податоци во Европа, според него, покажуваат дека многу држави ќе останат само музеи. Затоа, најави дека Владата веќе следната година ќе има план за враќање на иселениците.
Како Влада размислуваме и веќе сме во понапредна фаза, тука и Никица со тимот на Македонија 2025 доста помагаат, во делот на нови законски решенија за повратници во делот на олеснување со даноци и слично. Кое што мислам дека веќе првиот квартал или најдоцна првата половина од следната година ќе го промовираме како активна политика и ќе биде дел од една сеопфатна кампања како Влада што ќе го правиме за луѓето кои што сакаат да си дојдат дома, рече Мицкоски.
Податоците од Државната статистика покажуваат дека во последните пет години постои тренд на зголемување на бројот на вратени македонски државјани во Македонија. Сепак, бројот на луѓе кои се отселуваат е далеку поголем.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
