Вучиќ: Изборите ќе бидат распишани согласно Уставот и интересите на граѓаните на Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека парламентарните избори ќе бидат распишани кога надлежните институции ќе оценат дека се исполнети сите уставни и законски услови, нагласувајќи дека веднаш ќе го признае евентуалниот изборен пораз доколку граѓаните одлучат така, но истовремено ја повика опозицијата уште отсега јавно да се изјасни дали ќе ги прифати резултатите доколку тие не одат во нејзина корист.
Одговарајќи на новинарски прашања за изборите по свеченото отворање на видиковецот на планината Каблар, Вучиќ иронично забележа дека за него „идеално време“ за гласање би било во јули или август, потсетувајќи дека претходно бил критикуван поради можноста изборите да се одржат во текот на годишните одмори.
– Ќе почекам да се вратат од одмор, па ќе ги распишеме изборите и ќе им овозможиме да победат – рече српскиот претседател, повторувајќи го повикот до претставниците на студентската опозициска листа однапред да соопштат дали ќе ги признаат изборните резултати, без оглед на победникот.
Покрај изборниот процес, Вучиќ се осврна и на цените на горивата, санкциите врз Нафтената индустрија на Србија (НИС), животниот стандард, инфраструктурните проекти, состојбата во Војската на Србија и медиумското известување.
Коментирајќи ги критиките дека горивото во Србија е меѓу најскапите во регионот, тој посочи дека цените се за неколку динари повисоки отколку во Црна Гора и во некои други земји, но дека сепак се пониски од оние во Албанија и Словенија, оценејќи дека при таквите споредби намерно се занемаруваат околностите во кои земјата обезбедува стабилно снабдување.
– Веќе година и пол живееме под санкции врз НИС и се бориме да обезбедиме нормално функционирање. Порано горивото беше за 35 до 40 динари поскапо отколку во соседството, а денес разликата е од три до 15 динари, рече Вучиќ, додавајќи дека разликата во цените дополнително ќе се намалува, па Србија наскоро би можела да има исти или дури и пониски цени од дел од соседните земји.
Тој потсети дека домашната рафинерија не работеше два и пол месеци како последица на американските санкции против Русија, а не по вина на Србија.
Истовремено предупреди дека евентуалното продолжување на војните во Украина и Иран би можело да создаде нови финансиски притисоци и потреба од зголемување на акцизите, но нагласи дека граѓаните досега го немаат почувствувано товарот од тие околности бидејќи државата одговорно управувала со резервите.
Во врска со споредбите на цените, српскиот претседател ги критикуваше дел од медиумите дека селективно ги прикажуваат податоците во јавноста.
– Ако веќе зборувате за цените на горивото, зошто не им кажете на граѓаните дека лебот во Србија е убедливо најевтин и е двојно поевтин отколку, на пример, во Црна Гора, истакна Вучиќ.
МИА
Ново на Сител
-

Протести во Прага поради планираното укинување на претплатата за чешките јавни медиуми
-

Од специјализирана продавница за „Покемон“ украдени карти во вредност од над 130.000 евра
-

Трамп бара од Конгресот дополнителни средства за модернизација на американскиот систем за контрола на воздушниот сообраќај
-

Следува променливо облачно и потопло време, од среда повремено силен јужен ветер
-

Изминатото деноноќие 15 пријави за семејно насилство во државава
-

Акциски контроли на подрачјето на Центар во Скопје, констатирани повеќе прекршошци
-

Седум ПП возила и 19 пожарникари гаснеле запалена барака во Жданец
-

Николоски: Охридскиот аеродром годинава ќе достигне помеѓу 370.000 и 400.000 патници наспроти предвидените 130.000 до 2030 година
